Србо Ивановски МАЃЕПСАН ПАТНИК Те маѓепса светулка, Патнику, помеѓу двете осамени ѕвезди кај што ноќта е најдолга. Слегни на мојата планина завиена во топло крзно сета од здивови на исплашена дивина. Низ тенката есенска магла небото трага по загубените ѕвезди. На брегот расте лековито билје, Патнику. ЗИМСКО УТРО Излегуваш од сонот. Ја оставаш ѕвездената кола на патот чудесно озвучен. Ветерот носи јужно море. Тргнуваш во потрага по цветот за гранката на твојот сон. Утрото измислува портокали. На твојот суров континент плодови на морето. Песната е затворено пространство во еден цвет на гранката од твојот сон. БЕРАЧКИ По патот син што тоне во долината со од на мали питоми инсекти берачките на спомени поминаа. По полето се сели една шума од макови и од треви ретки По полето се сели една шума. О јаболко на гревот! зарем не е маѓијата што прогонство н£ нуди тој плод што во нас незапирно зрее? Берачките на хоризонтот стојат во дланките со многу знаци судни а под нив мртва сенката е моја. ПЕСНА НА ПЕСНАТА Тоа ветрот тром ги свитка вршките потем во одајава влезе. А кога доаѓаш ти лудо едно небо на копја распнато! Тргнувам во потрага по сонце. * Ластар си израснат од молк те дои дали волчица, дали срна? Речта ни ги брои раните. * Или си сенка од тврдина зад која почнува незнајно Кралство. Лудо ја возбудуваш пепелта на одамна мртвите копја. Или си завивање на волк во дивина па ноќта бледнее до задната ѕвезда. Билките збунето тргнуваат во потрага по своите корени. Земјата нарастува до колена. Јули е. Од брегот слегуваат шуми. Трома крвта ветува свежа вечер. Речта ни ги брои раните. ПОЕТОТ Ти си најитриот крадец на туѓи соништа па сепак помеѓу четирите ѕида на утрото седнуваш најсиромашен. Сините јавачи безнадежно ги бодинаат заробените во малтерот коњи. Нивниот молк возбудува Нивниот поход е тиха побуна на некој замислен молер Зборот е малата надеж на осамените. приказната во него е како семката во плодот. Кога ќе ги оплодиш овошките со насмевка на најскромен градинар ќе стане побогато твоето утро. БЕЛИОТ КАМЕН Од туѓите соништа градам чудни гробници секој бел камен зглавје е на мртов сон. Ми даруваш за секој прст по еден студент прстен, големите зими во нас така се вселуваат. Босите нозе и правта се родени негде далеку но соништата ќе слезат и од белиот ѕид. Го измисливме небото за да постои и нешто недостижно а за смртта не измисливме ништо поудобно од белиот камен. Помеѓу двете зелени утра е нашиот неспокој зборот е таа страшна гасеница што нè брсти. Кога ќе нè напуштат плодовите ќе тргнам во потрага по мојот бел камен. ЗБОР Те затворив во каменот како во кутија за скапоцености, на дното на каменот тоа осамено место како СОБАТА на Ван Гог. Те затворив во молк, во својот молк, а еве пак си ми тука како студен кладенец како свежа капачка в треви. Те дадов на огнот, о дали го чувствуваш тоа слатко злосторство? Него го сторил само оној кој пренел оган од песна до песна. Во меч те исковав во црвен меч со бели сечива. Ти ли си ми сега таа слатка болка што здивот ми го одзема кога ќе се насмеам? ТАЈНАТА Миг е кога крвта созрева во плодот и кога во стомните девојките носат студени кладенци. Реката ги смирува боите на пладнето По патот на пастрмката претрчува шепот и цветот на реката се затвора. Има во таа игра знаци на чудесен заговор Поглед ли притаен, здив ли? Ти стоиш на брегот врзан за трските со златниот конец на тајната. СВЕТЦИТЕ НА СВ. СОФИЈА Летото ве посади на брегов каде што помеѓу две неба умира времето. Раката патува низ чад како заскитана реч е не ќе се врати за нова молитва. Дамнешен пламен притулен во окото. Никогаш не догорува тој сончев траг во нас. Јазикот попусто бара вистински збор што ќе го оживи дамна мртвиот благослов. Тихо помеѓу две неба умира времето БАЛАДА Дива горчлива крв во чашката на макот. Патот на инсектите е тих. Белата птица тажната птица прелета со претчувство на смрт. Тиха лудост ти ги врзува очите со нерасцутени солзи. Секое утро секое утро на твојот пат една нежност умира. ВОДИ Кој заборавен остров, кое езеро, кој брег и бран што го носи небото кон градот? Сина водо голема добра водо со венци игриви од пена (нечии тајни дамнешни шепотења). О каков мир за речите на проклетства и спокојство за жалните и скрбни молби. Во таа долина со бели грмушки пена божем не замрел вик божем не малаксал од. Сина водо остана во тебе далечен траг од огнот тој заборавен говор на билките. Го носиш како заден траг на денот. О како ќе ја пренесеш до другиот брег мојата песна! ЕЗЕРО О ведор пријателе од сништата Убавината е зачуден предел Збунет ги откривам итрините на волшебникот. Пијан од ова лудо вино на јули мислам на твоето древно дружење со времето. Близу си до вистината што нè изедначува со недостижното. Дали сме само млади или убавината нè пресоздава? Постои еден брег на кој заедно стоиме и секој поход нов нè сврзува посилно со него. Те пронајдов заборавено во каменот, во една густа корија што истекува во сртовите, во еден тивок збор што ќе ја зачне песната. Постои еден брег, една планина, со секој миг повторно нè измислува но само убавината пресоздава. БЕГСТВО Планинава сè уште измислува нови снегови Кога ќе оддели миг за умореното лето што лежи на падинава оковано со булки? Дојдов бегајќи пред зреливе плодови. Судбо на сртовите, кај ли да го засадам моето бегство? Опседната од маѓиите на сонцето се распаѓа тврдината на моите зборови. Како да ги заборавам моите урнатини? ЛЕТО Од овој до оној срт се протега црвената долина лето и многу корени жед полегнати како мртва војска по еден поход пролетен. Не ќе ја разбудат сувите кликања на сонцето војската на април. Па сепак, затвори ги очите, помисли си, со таа скришна мисла исправен тргни, Поету, ти најтобар војник на пролетта, на април, весник, или само бдеалко голем. О војската на април мртва лежи помеѓу овој и оној срт! ЦРВЕНИТЕ ПТИЦИ НА ЛЕТОТО 1 Планината е далеку никој толку не отскитал црн брег со два рога на патот нејзин стои, Одовде само облакот е близу и молњите и ѕвездите ноќе кога паѓаат. Не, ова не е некое пусто место (во нас пустините се дамнешни болести) Под јазикот на змиите расте коприва а ветерот е питом како ѓурѓовденско јагне. Понекогаш само во сувиот самрак уплашен крик ќе го рани небото. На секое гумно тогаш паѓа по едно сонце и секој покрив раѓа црвена птица. 2 Ноќта е древен храм. Од кубето на мракот огнот ќе ископа многу сурови луѓе. Има час кога светците слегуваат од иконите има мигови кога клетвите се молитва. Ти што ја виде црвената птица како над полето прелетува сега си жеден како речно корито скриено под песокта на жешка пустина. Има една грмушка и една пенушка има, срцето ќе те одведе мракот ќе те приспие, и има мугра сина безшумно што доаѓа усните да ти ги навалжи со надеж и со роса. ВЕЗИЛО 1 На чардакот месечев на Сува Река жени и снег, жени и мрак. Наутро по карпите ползеше на змиите везилото од отров. Во долината осамени скитници црвени усти од каменот на сушите а небото во боите на морето на мојот осамен Полуостров. Гранки што ги напуштаат стеблата, ластари ослобдени од коренот. Црни рапави кори – шупливи инструменти населени со ветрови и ноќни птици. 2 На страната на сонцето е ден. Леандрите ги негуваат болните сенки. На мојот суров полуостров се измислени сите подароци што развенчаа Кралства. Змијо само допрена со топлата дланка како со уста на уморен скитник, на дното на пладнето ги свлекуваш боите за летниот љубовен напиток. Змијо, во бегство на патот до каменот во везило од снег и црна крв. 3 Ветерот се врати тих и уморен на вратот со шарени летала по морето се валкаат русите глави на луѓето што треба да пристигнат. На месечевиот чардак на Сува Река доба е да дојдат жение со бели раце. Змијо, по патот кај што врвеше растат тешки оловни камења. Ќе истече денот како Сува Река Ќе зјае ноќта на чардакот. Змијо без везило, змијо без оган, црна на патот, сама и црна на каменот. ВОИНОТ О изечена безнадежност или нашепната само доба на ветрот тој злочест Воин од Житијата што доаѓа да го опседне нашето спокојство и да ги разбуди сите сенки на плачот. По кои скали од зборови ме качуваш во твоето минаре за да го имам молчењето за сопатник а немирот за водич? Ти Воин зол со молњи во белките што негде под срцето на оваа црна страдница добрината ја закопа, на овој брег што својот молк го посади а крик израсте; Ќе извикам безгласно ако е вик молчењето Воинот загина, тој злочест Воин, Житијата само останаа… ………………………………. Не го разѕида оној скржав живот од едно до друго лето овој срт од пелин безимен – крстопат или проклетство само; камење успано на сонцето на урок и молитви растено. Минуваш по ова беспаќе стокмен од моите соништа а сепак и жив и ведор. Или си приказна кусовечна ко тие кругови небо во краток миг заробени во спокојот на водите? Ќе те именувам бидејќи ги именуваме соништата и оној гибелен лет на ветрот тој злочест двојник твој, па биди името на летот негов на сè што кратко трае а сепак низ годините што допре и до нас… ………………………… На ова суво небо од брчки човечки ткаено кој ли е твојот дел? Ќе се протегнам ко оној облак од огнови и од виножито за да го заграбам името твое но дали само во името злоста е? Ме плаши молкот а ти си молк што слегува по оној срт и доаѓа – само спомен, и доаѓа – само одѕив по патот на ветрот студен тој злочест двојник твој. НЕВРЕМЕ Довикување на молњите, знамение на еден поход црн. Ти, Земјо, песно напната в молк на мојот праг склопчена одврзи ги немирните коњи. Жед во нивните суви муцки, пожар во нивните мокри утроби, Земјо голема црна жед на гранките врзува плод. Небо, отвори се. Ме надгласува тоа бело морничаво довикување на молњите. ПЕСНА Песно, изгубен еден сон или одронет само во чудното невреме или во оној моментен мир омеѓен со ножевите на молњите носи дожд тоа суморно течење на денот кон нашиот осамен остров поплава една носи тој летен ветер што ја капе својата жолта грива од лисја во меката прашина. Но ние сме неми, Песно, кога се довикуваат молњите. СТРАВ Планино од морници сета пак стежнува бессилно тишината. Но срната нема да се огледа во реката црвена на молњата. Стравот има поголеми очи и од смртта. ОБРАЌАЊЕ КОН РЕКАТА Реко од маглине, од ‘рбетот планински, Реко; ножу студен во грлото на пладнето, на белиот камен качена како на бел трон небото ти го врзува дното од корен до корен. Околу црните чела на карпите бели огнови Твојот заборавен говор е само пена што умира врз неми усни. За твојот сè уште неизмислен Одисеј ги запретуваш сенките в песок. О каква ноќ те означува. На модриот пат, Патнику, на модриот пат на собирот од засмеани чудни девојки качувајќи се по нивните бедра како по огнови на модриот пат небото руменее. Запри во тихиот снег на мојата рана зима, во црната пештера запри кај сè е облечено в бело Во црната пештера похотно те ограбувам, станувам песочно дно со бели округли тежини. Тихо течи тиха Реко по дното мое. ОХРИДСКИ ТРУБАДУРИ Постои тој остров, тој копнеж по времето небиднина и сон, неуловлива ѕвезда во нас само ‘рти неговото семе но тој расцутува дури на прагот од бездната. Постои тој миг, тој замок без ѕидови, врати, тврдина или збор што попусто стои, водоскок зелен при кого божилак свратил небиднина, сон ли, несон ли да крои? Постои тој брег од жед и од пламен кренат и вик што птица бил, и камен престорен вик! Тргни но тихо, да не ја разбудиш пената тој замок без ѕидови и врати, таа небиднина, миг. ПЕНА ОД ПЛАНИНАТА 1 Слегуаш од планината Во секој бел камен студен извор. Некој чудак ја отворил ноќта Сега тече по нашата кожа шепот од скршени лисја. И долго слушам на твојата висорамнина како прскаат зрната на летото. 2. Малку од твојата јасност Белезице на јасната душа на полето Седало на летните сенки. Воденичен камен и ведро лице на ноќта. О уморена душо на илузиите на каменот и на земјата. Кога умираш сета од јасност остануваш белезица на душата на ноќта кога умираш О ако умираш. 3. Пено на загубениот простор На заскитаната планина по далечните врвои На детската возбуда пред тајната на плодот што узрева. Пено на ледениот здив На змијата под каменот со претчувство на трпкиот сјај од сончевата трпеза на летото Пено на древниот вруток. На нашиот плач Пено на нежноста Пено на проклетствата Пено на мојот пат На мојот пат. 4. Исчезнуваш А твоите сенки в пена Останувам сам на белиот камен на летото. Некој умира. Некој го буди твојот мал ангел престорен цут. Неврзан за месото на зората или за твојата густа крв тргнува кон своето небо. Еднаш ќе исчезнам во сенките на твојата пена Ќе се вратиме во коренот на големата билка Има цутови загубени огнови на летните ноќи трагачи на добрата утока на утрото Има цутови одвај исправени над своите болести. Исчезнуваш…Или ја дробиш врз камењата Илузијата за едно мирно небо. 5. По работ на воденичкиот камен шетаат бели ветрови По работ на тешката погача на земјата и летото Бараш пат во самотија ги збираш задоцнетите огнови го допираш лицето до земјата или до нејзиниот студен профил Има моменти кога ние сме помалку она што бевме а повеќе она што можевме да бидеме Изгубени во привиди само му го враќаме на пределот знакот на тихото гинење По работ на воденичкиот камен шетаат бели ветрови… ИМА ЕДНО ЗРНО И сè живее толку долго Само реката знае, само реката знае. А кога ќе посакаш да си заминеш кон полето ќе носиш на глуждовите белезици од пена. Свикнати да те препознаат штом ќе ги одделиш од душата на ноќта гаснат огновите на новите соѕвездија или се кријат во корупки од воздишки. Има едно зрно посегаме кон него едно зрно што треба да про’рти еднаш кога ќе бидеш земја кога ќе бидам земја ГРАД ПОМЕЃУ ЛЕТОТО И ВОДИТЕ 1. Влегуваме во засводените со молк улици во одот твој се распознава суровоста на пронаоѓачот. Стига да се насмевнеш сиот намовнувам толку далеку нè водат корените на нашиот смев. Градот слегувал кон водите низ времето а никако да излезе од зелениот превез. Неговиот каменен од запрел во миг на двоумење како што љубопитникот занемува пред настојчивоста на смртта. Си останале тоа два света: Водите и Градот Две спротивставености на дофат Две платна што никако во еден поглед да ги врамиш. Небото над нив секогаш е исто исполнето со летен кошмар. 2. Стои на брегот морав од залезот Јалов и опустен ќе заноќи како болник на носило од горчлива трева. Тажно е и да се погледне о Родна грутко додека те разнесуваат по полето заскитани светулки. Во крвта ни една граница за сонцето Бадемите ги врзале во своите глуждови сите твои времиња. Има градови што излегле од пејсажот А кога ќе осамнат стојат на брегот зачудени. 3. Страшило од корени од жед и од глуварки со лелек од шупливи гради на мртво стебло Ноќта ги негува тешките црни молчења во невидливите градини каде студенее летото Ниту една планина во мојот говор додека се враќам во домот на претците. 4. Кого да го пречекам на уморениве урнатини? Летото во крвта како амајлија на градите на номадот. Водите густи и питоми по сјајниот метал на утрото водите полни со твојата умореност На патот до смртта како на патот до ноќта Понекогаш само ќе наврати гугутка амајлија на една дамнешна љубов ТАЖНАТА СВРШЕНИЦА 1 Оваа ноќ на твојот трем на небото од бршлен навраќаат ѕвезди Зад благите огнови оваа ноќ Зад летните ѕвездени огнови живеат сенќите на твоите прсти. Ја имаш прекрасната причина да излегуваш од мермерот и да ја омеѓуваш ноќта со својот смев. Инаку патот до тебе не ќе водеше не ќе водеше низ една градина од воздишки. 2 Овде на овој трем под лозницава завиткана во влажни ветрови во сенката на тешкиот рид што паѓала по нејзините раце, по ставата, овде сè уште живее сенката на нејзиниот глас. Облечена во древната облека на утрото од рујни зрна сончевина Нанижани на танките и нечујни нишки на тихиот здив на птиците овде сè уште самува сенката на нејзиниот глас. И морето и бродот стокмен од нејзините ноќни шепотења и сребрените скали на вечноста по кои слегува до нас О Таа мртва, Таа заскитана вон дните Таа жуборлива во нас и студена во каменот овде е нејзината земја и мермерот во кој молчи. ОБРАЌАЊЕ КОН ТРЕВИТЕ 1 Го оставивте пуст патот на нејзината тага избегавте од допирот на студените прсти па сепак навраќавте верувајќи дека ја нема за да го чувате трагот што останал можеби по неа. Не растевте од нејзиното срце во очите од мермер не ја вселивте залудноста на своето пролетно ‘ртење Бевте немоќни. Оставивте сама да умира. Има во вашето шепотење о треви во молкот ваш што сепнато настапува од мртвиот нејзин говор далечна сенка. Таа што седи на брегот и чиниш некого чека сета од мермер и тага само ја живее мирно својата долга смрт 2 О ти оставаш да зборувам за љубовта како што верувам а тоа е сепак повеќе одошто умеам Оставаш да го возобновувам мигот кога излегуваш од својата насмевка и остануваш толку осамена што бршленот почнува да живее на твоите глуждови. Помеѓу осаменоста минуваат ридови а покрај кладенците навраќаат уморени суштества Небесниот круг е затворен Чекорам по глувата пустина верувајќи во сите пророштва а твојот скаменет лик го носам како амајлија. СЕЌАВАЊЕ Ружо црн бакнеж на ветрот што првата тага ја чува во каменот на пладнето (а мовта е сета од белези на минувањето) Ружо, око на огнот слепа е ноќта до твоите колена а коренот во слутење на пепелта има крв што румено умира. Ружо, ме опива тоа бегство преку сите години како преку море Да се биде дете Ружо, да се биде дете макар и со твоето трње на дланките. РУЖА НА ПЛАДНЕТО Ветровите што со тебе ноќевале излетаа ко црвени пеперуги Патува сега таа румена шума таа добра сенка на твојата смиреност таа ведра чадовина О ружо на пладнето дали тоа во нас се населува нова вртоглавица Во белиот камен покрај патот израснува еден румен знак Твојот цут во каменот се враќа Дали е тоа предзнак и за нас што дојдовме многу од далеку во тихиот предел на спомените. БАЛАДА ЗА РУЖАТА Кога избегаа тажните весталки остана ти и твојот свет оган По падината слегуваше реката реката без корито и без утока. Ниту еден облак на твоетот тело ниту една рана на твоето пладне О најнежно од сите суштества што ја посетиле мојата земја. Додека ја водев мојата свршеница кон твојот румен извор лулееше на твоето здолниште цело едно мирисно поле. И една птица сета од белина н£ го доближуваше летното небо Луѓето доаѓаа и си одеа со твојата густа крв на лицето. Луѓето ја носеа својата надеж Луѓето ја живееја својата надеж Луѓето ја убиваа својата надеж и гореше во нивните очи твојот свет оган. НАСЕЛУВАЊЕ По најстрмиот козји пат заминавте. Потиха од облак беше додека те водеше за струкот. Планинското езеро веруваше дека љубовта доаѓа пред да ги измеша април снежните ветришта со твоите румени прсти. О сите ѕвезди ви беа наклонети а младите исполини со руси коси се тргаа од вашиот пат. Запрена на сртот како мал облак допрен до својот извор до нозете твои земјата ја чуваше својата осаменост пред густите влакнести шуми. Требаше да се населат голите падини со нашата крв со нашата нежност со нашата омраза. Беше април и некој веруваше дека првин ќе завладее добата на љубовта. МРТОВ ПАУН И РУЖА Првин беше крвта а потоа под сончевиот насмев на опашот долго трепереше земјата. Голема Вистинска смрт на мирната рудина на утрото. А огнот што одвај го држи на танкото стебло ружата чиниш затреперува за миг во зачуденото око на мртвиот паун. Постојат вечерни огнови што ни приоѓаат тихо како нечујни летни ѕвезди Дишат околу нас Гледаат со нашите очи Ни ги заѕидуваат сенките во тешки молчеливи кули Огнови што ќе излезат од темнината како свежи извори за усните на утрото. РАЃАЊЕ И не да си намуртен во садењето ами да шепотиш милни зборови Б. Конески Време е да се огради бавчата а потоа на секој корен да му се испита здравјето да се види дали дозреало семето и да се проследи патот на ветрот што ќе го разнесе. Треба да се знае каде ќе падне зрното, дали ќе про’рти кога ќе се измушне од тенката лушпа, и која патека кон сонцето ќе фати. Можеби ќе треба и да се насрчи и умилен да се шепне збор. А можеби и не му треба на тоа раѓање насмевка и допир на прсти. Можеби за друга нежност знае за инаква милозливост копнее. Нам ни е судено да бидеме скраја, сведоци на чудото а не Создатели. ЗАПИС ЗА ЗБОРОТ О колку тешко доаѓам до вистинскиот збор. Со какви маки го пронаоѓам. Можеби затоа зашто се однесува како суштество кое го напуштила доверливоста или како дамнешен пријател што ми го заборавил името па брза да ме одмине. Понекогаш зборот остава да си поиграм со него. Им се препушта на моите мечтаења. Ми помага да ја создавам мојата река и да го будам во него нејзиниот тек. Тоа е игра на двајца кои не си веруваат па сепак во играта не се служат со измами. ИСПРАЌАЊЕ НА ЈАГУЛИТЕ Додека седевме чекајќи јагулите да заминат ѕвездите бдееја високо секоја кон својот мрак свртена. Се разминуваа меѓу себе далечините како птиците исплашени од разбудените темнини. Не знам каде ќе запрат јагулите во која вода ќе истече нивното минато Но тие ја знаат патеката на својот сон ја имаат упорноста што ќе им го покаже патот на враќањето. А ти имаш глас што ќе ги опточи далечните брегови за да се врати оплоден во едно друго време. Нека биде видлив барем онолку колку и сребрената патека на полжавот што на свежата дланка на утрото кревко но упорно светка. МИНУВАЧОТ Вистината се измушнува ненадејно како и улицата што некогаш одовде ќе врви. Ѕидовите празно одѕиваат додека ги разместуваш. Она што не постои зборува на туѓ јазик. Прозорецот на седми кат се отвора За да го пропушти јатото исплашени птици. Горат недостижните сонца. Секоја далечина ја досегнува раката на желбата. А синилото докрај е измиено. Сè што остана после Потопот има боја и мирис на заборавен глас. И еден чудесен пат среде небото им го мами насмевот на малите голтари оние што си ја мерат снагата во тревата О тие идни господари на светот и не слутат дека по патот на нивната возбуда одамна поминал Икар. Овде, на дофат на нивната игра го кревам ѕидот под кој можеби еднаш и тие ќе стојат. Потоа седнувам изморен во неговата сенка како на трпеза како на гозба на која уште не пристигнале поканетите. Ние што слегнавме одамна на земјата ние ја запознавме и потребата од нејзина поткрепа. А небото е недогледно и чисто. Речиси како и она после Потопот. ПРЕЛУДИЈ ЗА РОДНИОТ КРАЈ Инстиктот на белата лоза ни го откри небото. Над џбунките глава на старец шета или еуфорија на доцното лето. Никакви други предзнаци за есента што ближи. Впрочем и чудесното не доаѓа одеднаш за сите. Всушност додека младиот љубовник влегува во пределот на загадочниот насмев на жена една девојка веќе ја лови неговата сенка со снежниот водоскок на своите возбудени раце. Слегувајќи кон изгорената пустелија погледот не се вкрстува со песната или со нејзината птица. Толку е смален и стеснет светот. Што е најблизу до изворот? Чиј збор е највисоко во пладнево? Или патиштата водат само кон тоа пусто ограбено време од споменот, од сушите, од рацете? Над голите стрништа шетаат ниски огнови, Полето ја менува кожата. Потполошките ги губат седалата. Остануваат нивните исплашени крикови на залез и восочното лице на мајка ми во филџанот што една новопечена гатачка безмилосно го врти пред своето чпртаво носе. Ништо не ќе го вознемири толку споменот како допирот со добата во која не се влегува повторно Плачот нема сенка. Патеката нема сенка. ДУЊА Трагајќи по непознатиот глас повторно влегуваш во дворот на детството пречекан од ѕвонливи одамна слушнати зборови што сега блескаат со нов неделен сјај Ги собуваш обувките Поминуваш бос по тоа свето место Не го нудиш никому лицето за бакнување Само ја гледаш својата насмевка меѓу познатите предмети Еден старец станува од триножецот и влегува во куќата По него тргнуваш и ти А кога ќе се качите во големата одаја долго долго стоите пред високиот ормар на која уште зрее одамна набрана дуња. Старецот најпосле ќе рече Лично јас ја скинав верувајќи оти стрпливо ќе чека. ПЕСНА Срцето одврзан пес на некоја заборавена порта Прозорците розови цепелини во ноќта И реков на мајка ми: Никогаш нема да вкусам од отровот што ти го испи Потоа отидов да се санкам Распенет снег и лица на млади жени додека летаме покрај порти што зјаат А низ црвените кругови од уличните светилки фрчат гласови или бушави глави Збунети лавови што скокаат низ обрачи од оган. ВОЛШЕБЕН ОПАШ Илузијата што ја скриви птицата веќе не постои Исчезна и опашот и жолтиот клун и монистата на песната На гранките ѕвездени гроздови Зборовите паѓаат врз белината Сè е стокмено како во градите на будилник Безброј лостови ја држат напнатоста Прстите шетаат по ‘рбетот на времето Но гласот на сестра ми го слушам додека се обидува да го смести својот насмев на лицето на една исплашена кукла. СЛУЧКА ВО ЗИМСКО ПОПЛАДНЕ Татко ми ја преместува печката од соба в соба Верува оти го има летото в раце Мајка ми се крсти бидејќи се сомнева дека нечестивиот управува со неговите намери „Господи летата и зимите се твоја грижа Зошто оставаш да верува дека станал чудотворец“ Секогаш додека таа се моли помалиот брат се игра со нејзините зборови како маче со клопец Се враќам при татко ми токму кога ја качува печката на покривот Некој топол ветер шета околу нашата куќа. СМРТТА НА СЕСТРА МИ Сонцето фрла лажни сенки по нејзиното лице. Ридот е висок сè додека не доползи до неа како огромна мачка што своите плеќи ги нуди за милување. Луѓето стојат но одвај ги држат исправени голите глави. Сестра ми се умилкува на еден голем цвет од тешкиот венец. Во просторот седи огромниот рид таа мачка спитомена од прстите на сестра ми. Луѓето ги кријат голите темиња во црни шапки. ЗЕЛЕНИОТ ГУШТЕР Можеш да го насликаш со зелена боја и многу сонце а кога ќе поверуваш дека си го натокмил со сите сличности и дека си го сместил токму онаму каде што припаѓа ќе затрепери неговата набрекната белузлава гуша а главата невешто ќе се искриви голтајќи го лакомо златестиот меур сончевина. А потоа наеднаш брзите нозе ќе го занесат тој смешен корен на некое најпусто место. Има една карпа на ридон слична на џумка среде разголено теме или на штотуку подаден рог од челото на исплашено јаре. На џумкава внимателно ќе исползи зелениот гуштер и ќе остави сонцето да ги размножува по неговото меко тело чудесните дамки. Овој зелен гуштер што ги крие од нас своите патеки што се чини секогаш на дофат а толку е далеку Како да се симнал од стрмната планина на нашето детство, по која повторно се јазиме а никако да ја совладаме. СРЕДБА СО ВЕРВЕРИЦА Ако не беше малата верверица штотуку излезена од распукнатиот плод или од сребрената корупка на муграта; Ако не беше нејзиниот лесен од по одвај разголената земја и мигот на сепнатост при нашата средба додека ме откриваше како страотно чудовиште качено на високи нозе наеднаш и самото изненадено од нејзиниот страв; Ако не беше април кога пролетта одново ги поттикнува сите наши сочувства и нежности; Ако не беше наоколу сè растурено како некогаш монистата од украсите на мајка ми можеби немаше да застанам на шумската патека и немаше да видам како споменот се качува по расцутените гранки по кои толку ненадејно отрча малата верверица. ОБРАЌАЊЕ Dicerano gli antichi che la poesia e skala a Dio… Montale Мајко, никогаш не сум ти се обраќал никогаш не сум седел на твојот скут, не сум се држел за твоите плетенки. Никогаш не сум бегал од тебе ниту пак сум ти приоѓал. Па од каде тогаш твојот глас наутро што ме буди? Од каде твојата поткрепа во часовите на паѓање? Од каде твојата насмевка кога ќе се навалжи небото под моето чело? Поезијата е слегување и во срцето не само качување кон Бога а ти си негде близу до неа или си самата таа. РАДИКА Бдеам над тоа лице што наеднаш исчезнува Бдеам над неизмерната стројност над одот и ставата неземна. Бдеам над тоа око што никогаш не ќе го сретнам Бдеам над она што го нема над она што го насетувам. Лежи таа река таа шума запенета на белото камење. Лицето и во песната Ставата и во кавалот на каменот ранет божилак. ВРАТАТА НА НОЌТА Пеперуѓи со оловни крила по цвеќињата Убавината има стрпливи двојници Зјае вратата кон полето со мермерна трева Ветерот трча по нечии гласови што се чинат детски А кога ја вглавивме вратата во шарките ноќта излезе. НАДЕЖТА Таа е затурена одамна, или е замината, како и мртвиот пријател, во окото на птицата што упорно колве по нашите спомени. Или надежта проврнала како студениот дожд. Нејзините чатални траги – секоја ќе те одведе во друго беспаќе, А ние сеедно се веднеме белки ќе ги откриеме патеките на нејзините бегства. Веруваме дека нејзините меки крилја може ќе нè пресретнат во скришните одаи на лавиринтите. Но штом ќе ги кренеме челата само крвавите очи на сонцето нè гледаат, а облакот што се качува по неговото огнено лице бавно ја затвора вратата на денот. Не го познаваме сè уште својот мрак. Храброста што нè води е само изнудениот насмев на лицето на смртно-болниот додека одлучува: дали да му се препушти на скалпелот. ЗАПИС Понекогаш исчезнува големиот свет. Наеднаш завладува смешното безредие на некорисните нешта. Стоиме зачудени пред тоа нараснување на збунетоста јас и малата птица со црвен клун и тенка темна линија од вратот до црниот опаш. Туку што слета на мојата трпеза во дворот речиси до корупката на раскошниот плод. Но не знае како да го начне. Премногу сме приземни. владееме со умешноста да се наднесеме над бездната како големите мрзеливи птици Но нив гладот ги води а не страста за летање. Или и нашето небо ја губи веќе височината. ПРСТЕНОТ НА ВРЕМЕТО …Не запирај тиха реко. Остави ги глуварките. Заборави ги лицата опседнати од горчина. (Немоќта најпрвин го совладува насмевот а потоа рацете). Црни коњи играат по бакарното гумно на залезот, а тешките сенки на биволите излегуваат од визбите прав и пак се враќаат во нив. Една птица го опточува со својот уплашен здив потемнетиот раб на хоризонтот. Во куќата на брегот првата светилка се буди. Детето плаче во утробата на заспаната мајка. О Реко што остануваш Реко што си одиш секогаш затворена во прстенот на времето го виде ли Старецот? Оној што сиот свој живот го помина на брегов во потрага по златната рипка. Никој и не слути оти конецот на неговата трска одамна е скинат. Изгледа само Старецот знае оти од приказна не се случува живот. СТАРИЦАТА ГИ ГЛЕДА ПТИЦИТЕ Се вратив од јужните краишта а Старицата рече: Кога дојде дојдоа и сите реки што си ги врвел, и сите птици што ти ја слушнале песната. А потоа ја разгрна на скутот ленената крпа и го подаде убавиот краешник Водата е подолу самата ќе ти се понуди, рече. Ќе ги закопаш колената в трева ќе се потпреш на лактите и ќе го пикнеш клунот во брзакот. И птиците од Исарот од тој вруток пијат. И ми го отвори со широк замав на раката големото небо. Ги гледаш ли птиците? Ги фрла некоја сончева рака. И таа се смееше и ги милуваше. Среќната, гледаше со срцето. И тогаш видов дека не е слепа. Седнав на големиот бел камен и се загледав угоре. Белки и јас ќе ги видам прекрасните птици. ЛЕТЕЧКИ СОКРОВИШТА Летаат птиците. Им ги гледам лицата. Сенките им ги слушам додека се довикуваат, додека се осмевнуваат во ускладеноста на дишењето. А замавот на крилата го следат отчукувања на срцето. Одмерени удари на длето по голиот ‘рбетник на мермерот. Срцето нивно ми вели: Никогаш не умирам. Само гаснам. На небесниот пат наеднаш ќе пресуши сребрениот шепот. На лицето на облакот ќе остане тиха сенка. Налик се на летечки сокровишта со менливоста на облакот во окото, со еден свет затворен во бисерни мониста, што брзаат да го занесат пред портите на сонот. Не заборавајте: птицата никогаш не сонува. Таа само прелетува низ пространствата на вашиот сон СЛАВЕЈ Трпне срцето и сите огнови на твојата песна додека ја населуваш гранката и небото над неа. Рацете на децата трчаат по патот на твојот глас и ги збираат искрите на свежиот поток По жилите на царските мигдали течат водите на младото сонце. Сè е создадено. Може да се насети под прстите И кревката снага на песната И воздухот што се крши при допирот со лисјата И бојата на твоите очи со судба на кратка пролет. СРЕДБА СО ПТИЦА Птицата беше заскитана од некоја далечна долина чудесно збунета додека ја престигнуваше реката на своето двоумење. Постоеја девојки зад планината. Се случуваше слегуваа од сртовите и од небото во долги здолништа и тиркизни знаци на челата. Имаа достоинствен од и исплашени погледи. И лица сè уште несвикнати да ја скријат вистината. Во еден момент на недосегнато совршенство чедноста побудува и потсмев и очај. Стои птицата на белиот камен. Во кафез поинаков од оној што го знаеше чудесно збунета. ПАТ НИЗ ШУМА Ова рахитично патче оставајќи го зад себе работ на шумата наеднаш излегува на зачудениот рид како патецот низ густите кадри што наеднаш втасува на голото теме. Понекогаш многу многу ретко на пустово место ќе осамне еден старец одамна изнемоштен. На сувата црвеница седи каде идат отровници многу по боите за својата облека. Понекогаш низ мислата негова прелетува осамена птица. А тој седи и очаен знае колку многу далеку е песната што пред малку ненадејно секна. И наеднаш Старецот со погледот заграбува од твоето небо, птицо сина. Се враќа тогаш во друго време во простор друг, кога умееше со прстите розови од твојата сенка да зграби, од твоето перје, за да полета со тебе о птицо сина. НАПУШТЕНО ЛОЗЈЕ Се јазев по скрките на ридот по снагата на животното со кое дружев во сонот а кога открив на преслапот лозје како да се качив на моето рамо. Ниту еден извор одовде не истечува па сепак кренав наоколу ограда и ја затворив со врата Ги израмнив зад себе сите траги да не изгазат по нив птиците патеки за големи јата ( О каков градител ќе бев ако не се зафатев со зборот) А можеби ова беспаќе што од светот јас го оградив ќе поттикне кај некого желба да открива нови патишта Сега седам скрснозе и знам оти сонот завршува наеднаш На преслапот некој друг ќе втаса и ќе мисли исто како јас оти ова напуштено лозје сал на него со години чека. ПОСЕГАЊЕ ПО ЧУДЕСНОТО Кога би го имал металното зрно страв што фазанот го носи на врвот од клунот додека се обидува возбудените женки качени на танки но брзи нозе да ги преведе преку поспаната шумска патека што бавно води кон самиот врв на брдото не ќе го досегнев никогаш оној игрив чекор на старчето што својата мудрост и стрпливост по истиот пат ги пренесува. Понекогаш старчето посакува една обична изненада (не авантура, авантурата го подразбира и нашето лично учество), на пример еден маестрален лет на фазан сличен на опашеста ѕвезда над мокрите и зачудени елки. Збунети од тоа опашесто чудо во еден момент можеби и елките ќе посакаат да ја растурат безбедната рамнотежа. Да го сторат оној неизбежен чекор кон неможното. Бидејќи чудесното е во нас. Стига само да посегнеме кон него. Но на најтихата патека на утрото нема волшепства. Елките стојат заринати до колена во брдото. А старчето свесно за степенот на својата вина повторно им се враќа на своите делнични грижи. Само јас го видов тоа опашесто чудо, тој порив на мажјакот да го разурне спокојството, тој пресметан кликтеж на насилникот над зачудениот честак додека ги вика на својата самотна полјанка возбудените женки качени на танки но брзи нозе. Да можеше да заврши песната ќе заборавев сè Но песната никогаш не завршува. Таа само го бележи нашето дишење. ДОДЕКА СЛЕГУВАВМЕ СО СТАРЧЕТО ОД ВОДНО Раскажа како растат печурките во сребрената ноќ по дождот. И дека длапките на дланките не се спомени туку нашата судба. А за патеката што удолу нè водеше рече оти до крај ја има разјадено кожата на ридот. Но не спомна која патека низ срцето врви и каква река тече таму и кој дивеч доаѓа на поило. Рече само: Како да газам по снага што истечува. Како да заминувам од сон што може повторно да ме пресретне. Како да чекорам по длапките на моите дланки. СТАРЕЦОТ Го најдов како го чека гласот на реката. Седеше на жедниот камен. Некоја животинка го гледаше в очи кој знае како заскитана меѓу неговите зборови. Ја бодреше. И правеше со ноктот пат низ песокта. Ја плашеше со брзата рипка што можеше и овде да сврати. По сè изгледа стануваше збор за црвец бидејќи старецот рече дека му се гади од суштества без опаш и без глава. Седнав во неговата река но внимавав да не нè повлече нејзиното дно. Мислата ја оставив да истече без да ја допира песокта. Гледав како скокаат од очите на старецот уплашени рипки. Сè беше стокмено така сонцето да може да зајде и гласот на реката да се јави. ПРИСТОЈНОСТ Не престануваш да се соблекуваш, ги фрлаш од себе последните крпчиња. Велиш: Цветот само во својата разголеност е пристоен. ЉУБОВНА ПЕСНА Не ме пресретнуваат оголените птици. Дали воопшто летам или избрав повисок пат од нивниот? Животните меѓу трњата се котат а веќе попладне го лижат мебелот и шетаат по нашата спална. Не фрлај ми ги в лице бесмислените закани. Молчењето прекрасно ти стои. Во три посакав да умрам. Во пет го купив јажето. А во осум водевме љубов, нели? Утре ќе се запишам во најблиската детска градинка. Ќе седам на мал стол. Ќе се потпрам на сниската маса. Сакам повторно да учам да плачам и да се самеам. ТВОЕТО ИСКРШЕНО ЛИЦЕ Стојам пред тебе а куќата се урива како да е градена од нашите рани Стојам пред тебе катовите паѓаат еден преку друг а гласовите меѓу нас И не сетив кога Прозорецот ги фрли врз мојата глава искршените парчиња на твоето лице. ЗАТРУЕН ДОЖД Велевме: паѓа на нас отровното семе на затруеното лето. Она што во каменот населува смртен белег. Ти се обидуваше да ги скриеш со розовите дланки срамните места А меѓу прстите ти се цедеше насмевката на мртвиот демон. Велевме: тоа паѓа на нас отровното семе на затруеното лето. А мислевме: и порокот и невиноста на ист начин нè исмејуваат. ЗАПИС НА ПЛАЖАТА КАЈ КАСТЕЛ Капачката помина по брегот по оној раб од земја и море Газеше по пената на своето тело (Далгите – задишеност на градите песокта – немоќ на слабините) Дали помислуваш на малечката лисица штотуку дојдена до работ на шумата водена можеби од намерата да го предизвикува ловецот Оној што ограда крева околу имотот за да го заштити од немаштијата или од стравот Кога се преиспитуваш Кога се зафаќаш со себеси како да редиш огромни камења на висок ѕид. Таму сè треба да легне во својата длапка Па сепак песната е глечер и сè е закопано во гатанки и пустош Во збунети неосенчени зборови Морето ни дише во лицата сè сака да допре со своето спокојство А медузата затворена во синото стакло на водата како да ја испитува горчината на нашата изненаденост додека слегнува на долното небо. СРЕДБА СО ЗМИЈА Ти си вистинска мудрост или возбудливо предавство на стравот и суптилното везило Студ £ ги одзеде боите на тревата додека во бранови минуваше. Сакав да ти сторам пат Но патот каде води ако ја одмине нашата намера? Една бубачка со танки нозе трча по мојата напната кожа како по најгуст камен. Никако да го сместам во пристоен насмев стравот. ПРИЈАТЕЛИ Јатата бегаат. Од јасникот без престан паѓаат смрзнати гласови. Зимата е речиси на прагот. Брзате да го напуштите домот мој, пријатели! А јас во песот гледам: Дали ќе заборави дека е спитомен кога ќе ви ги лизне рацете. ПРОГОНЕТИОТ Низ времето втасуваше до него здивеното "ај ааај!" тој остер повик на упорните прогонители тие ровја што му паѓаа врз телото. Но тој не подзапираше ни тогаш кога стравот надве ќе го свиткаше сè до мирисот на земјата. И не паднат веќе се исправаше како гласот висок на тажачката што ја знае цената на болката И му беше веќе сè едно дали тој ја престигнува смртта или таа него. И мислеше – кога ќе откријат во насмевот негов знак на невиност дал’ повторно ќе го убијат. ВРАЌАЊЕ НА ПОРАЗЕНИОТ Дали се прашувавте дали скоро ќе се врати и дали ќе ја доведе со себе својата сенка и дали песот ќе го врзи за нечија насмевка или за трнот на кој цути непозната реч? Дали поверувавте дека зимата треба да ги охрабри оние што ги одмина летото оние чија тиха ѕвезда упорно ја следи својата патека? Дали го прашавте што памети а што заборавил? Дали оставивте да поверува дека е добредојден нудејќи му место до себе на трпезата? Дали изнесовте од визбата од она вино што само на победниците им го нудите? ПОБЕДНИЦИТЕ Се враќавте крилести откај руменилото на изгревот Вашите сурови гласници ја објавуваа победата. Се враќавте од некоја пресудна битка што одамна завршила. Каков презир во вашите насмевки за покорните погледи на победените и какво спокојство во погледот на соколот што на раката ви седеше. Не верував дека може да се биде толку горделив поради мирисот на крвта и плачот на вдовиците. Не прашав дали си кренавте паметник но вашите раце од мрамор веќе ми тежеа на рамото. ЧЕКАЊЕ НА ПЛОДОВИТЕ Живееш толку скромно. Дури и на смртта втасуваш да помислиш. Кога ќе се сториш Човек почнуваш да растеш. Сè подобро го разбираш детето во себе. Почнуваш и вистински да сакаш. Погледнуваш во реката и заклучуваш дека можеш да ја сфатиш. Дури и за најмалите трнарчиња би нашол време да им сочувствуваш. Наеднаш знаеш дека не смееш да му се потчинуваш на злото, дека треба да се однесуваш умно и да го избегнуваш. А ако мора да седнете на иста маса да јадете од ист леб, од иста чинија, тогаш тоа ќе го правиш внимателно, со такт, а сè во зависност од степенот на досегнатата мудрост. Ретко владееме со моќта сè да потчиниме на нашата совест: и љубовта, и сомненијата и страста. Обично ние сме со чувсто на пораз. Отпадоци, догорчиња, исчудувања, ни го гнасат лицето. Го слушаме закопаниот длабоко во ѕидот глас но никако да му се приближиме. Одгатнатата вистина е употребен плод. Стоиме среде собата со раширени раце. Чекаме и на нив, како на овошките, да врзат плодовите. ОБИЧНИ НЕШТА На улица пролеаната крв студенее и на лицето црвенее и во говорот На едниот плочник една рана на другиот друга Октомвриско свлекување на дивите костени Не свикнуваме лесно со умилкувањето на смртта па сепак ќе нè потиснат пораките на годините Вистината е во коренот цутот е шарена прелага Колку е поизморено телото е поблиску до сопствената сенка Но зошто да зборуваме за нештата со кои заедно легнуваме заедно стануваме. СРЕДБА СО ПЕПЕРУГА Ако можеше да избира цутот сигурно ќе го прифатеше твоето настојување да се биде истовремено на повеќе многу слични и многу различни места. (Црешовиот цвет на пример не патува, а цутот на лендрот е закопан во зелен многу кревок страк). Ако можеше да избира, и цутот ќе беше ослободена убавина што може да создава илузии. Едноставноста на убавото во промените се потврдува. Ти си илузија што патува.Омаен сум од намерата на цутот да те одреди за свој двојник или само за тивок гласник на својата немоќ. Заборавивме на плодот. А плодот е во намерата на песната. Плодот го подразбира и нашиот пораз. МОЈОТ КРИЛЕСТ КОЊ Трча коњот мојот коњ Оној узда што му држи главата му во облаци. Како извор како глечер што под карпата се буди Искачен на лесни нозе а со копита од кремен Облак пенлив што го знае секој камен секој срт А по дното на поилото само еднаш кај ќе згазне расатат млади месечини. Ѕверовите губат здив кога кришум ќе се здаде од модрите длабочини А кога ќе извисне и кога ќе зататни во грлото запенува вруток бел Божилакот стои нем под кој еднаш сал помина секавица престорен Трча коњот мојот коњ Патот му го брои времето на зелен часовник Понекогаш кришум идам да го видам јавачот дали седи во сенките или шета по времето А тој - уздата ја држи главата му во облаци. УЛИЦАТА НА ПОЕТОТ Не, ова не е веќе твојата улица што ја градеше ноќи и ноќи со збунети осомничени зборови кои никогаш не се здобија со потекло. Во неа уште мириса на чад, на изгореници што ти го нагрдија телото додека го исмеваше огнот. Сè друго зад тебе се затвори во високи ѕидови пред дури и да се обиде мислата да потрча иако непознати гласови ја прогонуваа веќе. Во оваа улица ништо не личи на твојот гнев, на загубените години на твоето чекање, на непредвидливоста тој чудесен градител што со еден насмев сè разурнува. Зад тебе сè исчезна, дури и патеката по која ја пренесе својата суетност. Непознати чекори одѕвонуваат во тремот на самракот а ти си повторно меѓу остатоците на денот. Задоцнет собирач на презреани плодови. А можеби твојот несигурен од, твојата предвреме начната снага и не ќе поднесеше поголемо бреме од она што може да го поднесе обичниот минувач. Еднаш и поетот престанува да се чуди вслушан во тихите гласови на своето исплашено срце. ТЕТОВИРАЊЕ Збор станува за тоа дека животот е протинање низ иглени уши Некој непознат нè држи цврсто за вратот нишани во увото на иглата и говори суво како да чита од Светото Писмо: Не дишете додека ве протинам приберете си го јазикот Цврсто затворете ги очите Протинањето подразбира гаснење на светлината Протинањето е патување низ мрак И не спомнувај го повеќе спокојството Мускулите нека спласнат Помислите нека исчезнат И заземете став на птица пред летнување Сè друго ќе биде запишано на вашата кожа со ваша крв. ОДЗЕМАЊЕ НА СИЛАТА Знам речиси сè за нашата потчинетост За постанатоста на одот За стивнатоста на зборот За покорноста на погледот. И каменот го чека слична судбина стига да го зафатат немирните води. И Земјата се свиткува, но таа од самата себеси, или од премногу силина. Еднаш Марко Крале ја натрупа неа в торба и посегна да ја подигне барем до својата брада. За среќа Земјата остана на нозе и продолжи да чекори со својот отежнат од, ја понесе дури и реката по која истече силата на јунакот. Постои таков Бог кој не страда од помислата дека луѓето не смеат во моќта да го престигнат. Тој знае дека и силните во сè им се рамни на потчинетите. Тој знае оти нив ги убива нивната сопствена сила. ПОЕТИ Летното трепкање на светулката само е патека на лажна ѕвезда. Поинаку трепери пламенот на нашата вистинска надеж. Па сепак небото е градина а поетите мудреци со раце преполни зрна зафатени со негувањето таинства, иако суетата е најгорчливиот плод на нивните насади. Поетите се сочувани сенки на планините, слободен од на молскавица по древните патишта на ноќта, ослободена светлина на реките, недоречен шепот на испустените градови, или загубена илузија на верниците кои сè уште чекаат да се родат. Напати тие се и деца кои се поигруваат со пакоста, па сакаат да ја потчинат за да им служи а притоа знаат дека јамката на зборот подобро од секоја вистинска јамка задушува. Напишани се и премногу стихови во кои зборот повикува на презир. Па сепак подобро е да се биде џбун со кого ветровите си поиграле одошто да се замине во неврат што зад себе распостила пустина. Крвта на утрото уште трага по својот блескот. Чиста е убавината сè додека не се престори светлина што ќе посака да нè ослепи за да може потоа за рака да нè води. Сенките на поетите седат во кожурците на нивните соништа. Заточеници во кулата од зборови што самите ја кренале. ДАМКА НА СНЕГОТ Видовте ли што сè беше напишано за него Со тенко перо. Со големи букви. Секоја реченица наредени гаврани на снегот, покрај долгата улица, во очекување на процесијата. И најмалата дамка врз белината тежи и сјае, а згора тој е дамка што се движи. И сега ги шета влечките кон балконската врата, со тихи зборови спори за своите измами додека килимот го впива шепотењето на истрошените чекори. Размислува за добродетелта на кислородот, но и за тоа дека бавно но сигурно почна да го најадува ‘рѓата. За среќа, прилично научи за радостите и за лебот, за плодовите, за хранливоста на тагата, за нејзините дождови, за црните и за белите мириси на слободата, за карпата што ќе треба да ја истуркаш на врвот пред да се вратиш по патот на иднината. Никаде околу него никакви изненади. Жената го брани местото на секој ислужен предмет или ги чува белезите за минливоста на среќата. Како да ја скрие збунетоста кога некој непознат ќе ја отвори вратата? ПОСЛЕДНАТА ПЕСНА Надежта на остарениот поет, Цврсто стегнатата уста на неговата надеж, никогаш нема да ни открие што се случува таму, во далните темнини. (Додека те прогонуваат голтници чекаш во скривница. Го чуваш стекнатото спокојство. Недостојните и врз најчистите намери трупаат грагор). Ослободената насмевка на поетот е оставена во еден друг живот. Тој и не помислува на она што го нема. Неговиот имот се простира во други подрачја и во друго јаве. Остарениот поет никогаш не се разбудува во леите на стаклената бавча иако се обидува да завладее со пролетта. Понекогаш дури им дозволува на зелените прсти на април да си поиграат по неговите гради. И кората на најсилните чинари е населена со мов и со коридори по кои трчаат најбрзи верверици. Ветровите што настануваат во вршинките на старите чинари досегаат најдалечни светови. А далечините £ се ќерки на стрпливоста и на надежта Тие на ист начин му се потчинети и на летот и на одот. Еднаш нè повикуваат кај себе за да нè избават а другпат за да нè казнат. Но пресудите на денот за поетот се горчливи тревки што растат само за лековерните. Сега го измачува една друга дилема: Дали ќе ја премолчи последната песна Онаа што настана во кочијата на сонот за која и не беше сигурен каде го носи. ИГРИ Летото 92 г. Босна Постои едно стрелиште на глинени гулаби на цветното плато зад Касиното во Монте Карло. Некогаш таму навраќале видни кнезови за да се соочат со последната игра на својот живот што самите ја нарекле руски рулет. Можеби во нивни спомен е изградено стрелиштето! Но сега учесниците на игри на среќа што животот милозливо од страст во страст ги води наместо на лудите руски глави старата вештина ја испробуваат на гулаби од глина. Толку ненадејно одекнуваат истрелите и толку безнадежно се распрснуваат брзите гулаби што ни морето моќно што секој час се враќа да здивне на брегот не успева да ги прибере во пенливите води ситните парченца земја. Има и други места со такви стрелишта на кои се играат игри со слични вештини но овде не се цел глинени гулаби иако безнадежно се распрснува и овде но не глината туку човечкиот здив кога среде чекор ќе го втаса зрното. Има моменти кога по ваквите истрели смртта не се јавува во играта, тогаш остануваат на стрелиштето само синовите и ќерките на стравот и статистичарот со мастилава крв осуден да ги памети страшните бројки и да ги запишува со ракопис на праведник шупливите насмевки на преживеаните. ИНСТРУКЦИИ Никогаш ништо не изумувај. Не бриши ги сенките под стреите на твоите очи. Каменот нека остане на рамото на ридот. Не кревај го прстот кон својата рана. Избркај ја смртта од сонот. Не верувај им на зборовите. Почитувај ги белините на секоја страница. Остави ја птицата на небото. Златната рипка нека трча и понатаму низ модрата река. Бубачката нека лази по твојата кожа. А ти не подзастанувај, не подзастанувај, и длабоко диши. Целта е секогаш некаде на почетокот на сонот. За постелата од трње други ќе се погрижат. РЕЧТА Е ПЕПЕЛ Животот е пресметување со суровости или предавство и грд погром на речта Одамна не стрелаат во срцето Стрелаат во мечтата. Речта е пепел бидејќи и речта е човек се порива зафатена од луњи на омразата. Среќата се живее само на почек додека безочните и неа не ја згазат. ВО ЗАБОРАВЕНАТА КУЌА Напати во заборавената куќа влегувам на погрешна врата Ме водат вашите гласови о луѓе Одвнатре викате а никаде ве нема Не помага ни тоа дека ги удвојувам очите. Да бев дури и огромно здание со стотини прозорци пак немаше да ве видам. Дупката што ја издлабив во ѕидот се чини води в неврат ако го изземеме удобното сврталиште на семејството стаорци и прилично згодно зацврстената закачалка во влажниот агол на која виси мало јато лилјаци. Ѕвезденото небо што можам убаво да си го замислам никако да го симнам во заборавената куќа. Таванот е неупотреблив Такви се шемите на животот Секогаш ќе ти го ускратат она што го посакуваш Во заборавената куќа сè £ е подредено на загрозеноста Чинам оти сум престрашен од сопствената храброст Па сепак ги следам чекор по чекор О браќа мои О луѓе вашите залудни гласови вашите тешки зборови воденички камења што ја мелат ноќта што мелат што ме мелат. ОБЈАСНУВАЊЕ Зборовите што настојувам да ги сведам на пристојно бладање понекогаш како да се знак на неминовноста иако зафатеноста со нив ми се чини како враќање во некое дамнешно лудило од кое упорно бегам а тоа сè поупорно ме следи или, што е уште поверојатно ова лудило, без да забележам, отсекогаш сум го носел во себе како залог, како амајлија, како објаснување за моето чудење пред она што ми се чинеше живот. СКАПОЦЕНОСТИ Скапоценоста е можеби умешност на мигот да ни ја открие убавината на предметот што никогаш не постоел и на времето што никогаш не се случило Како она влакно донесено од најдревниот храм во Њу Делхи Влакното на месниот Буда или на некој друг мудрец сличен нему (А можеби беше во прашање влакно на ноќна убавица што преспала на перницата на спомнатиот Буда) Умешните творци на реликвии грижливо го чувале за нашето пристигање а ние и не слутевме дека сме изиграни Дека сме жртви на играта што ја смислил профитот? Или навистина стануваше збор за обично влакно на полноќен гуштер? (Една од оние влечуги со коса низ која поминува патец од челото па сè до окото на опашот) А со перчиња збрани во плетенки што се влечкаат под шарената утроба на гуштерот Најпривлечни се сепак скапоценостите што сонот ги чува и оние што сонот ќе побрза да ги скрие кога ќе ги допре нашето будно око. ПИРАМИДА Она што ќе го ветиме не знае кога да се преправа дека не нè препознава, кога смее да се повикува на нашето кусо паметење, а кога насмевката своја да ја пушти за да нè озарува со празнично славје Она што ќе го ветиме расте и по грмушките на нашиот заборав Како и гроздот на лозата кој не знае што да стори со листот што му го крие сонцето Она што ќе го ветиме не знае кога да ја прифати нерешителноста на нашата верба и нејзините забавени чекори а кога да се исплаши дека ќе остари со нас Каменот што случајно ме сретна во младоста (го фотографирав за да не го заборавам) го чував за да го соочам со песната што му ја ветив пред да го вратам во песокта на заборавот Станува збор за единствениот камен на пирамидата што требаше да ја изградам во дворот на моето детство (Требаше рогот на мојата градба да го досегне дури Млечниот пат) така гласеше неразумната заповед на сонот Инсектот одреден да почива во пирамидата одамна е исчезнат од саркофагот на сеќавањето. ПОРАКА Поезијата не живее од задоволствата што ти и ги приреди Или од оној разбушавен април натокмен да ја заведе Таа веќе не се храни од боските на пролетта Поезијата го надрасна детското доба Слезе на буништето на животот и во правта на разурнатите денови трага по солилото и поилото на осаменоста Тргни и ти И оној глас одврзан од ѕвездите кој замина удолу (а ти веруваше дека е твојот) следи го па и тогаш кога ќе се разместатѕидовите на сеќавањето Никому не ќе му наштети новиот редослед на спомените Зборувај за длабокиот снег за твоите уморени очи За сонцето што некогаш одамна зајде И заборави заборави сè за светот на страдалниците И за Племето на Великиот господар на светот кој истрча далеку пред својата младост и никогаш веќе себеси не се пестигна Крени ја палатата од зборови високо високо Но остави еден прозорец да гледа Во суетата и нејзината црна бесилка.ОВОЈ КРЕВОК ЖИВОТ Додедка трчавме низ сите оние сериозни денови верувајќи дека целта е близу и дека ниту еден чекор не е сторен залудно ние бевме оние кои можеа да £ го одредат името на светлината и да ја поведат со себе па и да седнат напладне со неа на сиромашен ручек на тревата во друштво со птиците што стрпливо ги очекуваат своите трошки Така се качувавме кон будните соништа И не знаевме оти овој кревок живот што нè води за рака може да ни понуди сè но и да и оспори сè Дури и не помислувавме оти во Кулите на ветената надеж живеат веќе ќерките на нашата тага И дека во растурената градина зад леандрите нè очекуваат цвеќињата на нивните солзи. МОЛИТВА Можеби сè може да се натрупа во една торба како што тоа одамна со земјата го стори Марко Крале Ги насобра заедно мирисните полиња со многу заборавени гласови; Дивите планини со мртвите векови под нив; Морињата, исплашените острови и рамнодушните риби; И тебе малечка изморена мравко под страшниот товар стопати потежок од тебе; И тебе реко од мојот сон што подмолно ми приоѓаш пред да ме завлечеш во матните; И тебе ништожно дрво на ридот што не се ни наведна да си ги собереш мртвите лисја. Дај му Господи и на бессилниов да поверува дека и тој може да го стори она што бесот и силата не му дадоа. Дозволи му барем еднаш да помисли дека може да застане неказнето помеѓу пороите на животот и на смртта. ТАТКО МИ ОДИСЕЈ Под ова небо што не ноќева во празни срца она што беше еднаш видено или наслушнато само сè побрзо се оддалечува во чудесна преобразба од бегалец во прогонувач кој не верува дека некогаш пак ќе ни се придружи. Глеј само како му слабее чекорот Како му истечува времето И како исчезнува во сопственото ехо во глувата пештера на сеќавањето. А потоа наеднаш пак му се наслушнува одот; Од на преморен коњ Затечен во редок шамак Со облаци инсекти околу вратот. Татко ми велеше: небото не слегнува Во празни срца Сабјата не се буди во успана рака А сеќавањето е најбрз коњ Најдалеку ќе те однесе. (Зошто го кажуваше ова кога го беше загубил минатото Минатото му го развеа Киклопот на Револуцијата) Изгледа беше изумил дека изворот сончев покажува само пат кон заодот А дека ѕвездата што паѓа во фонтаните на темнината е само златно париче што некој го фрла од чардаците на мракот (Утрото сепак никогаш не заборава да слезе во одаите на ноќта) А каде тој можеше да слезе од чардакот на својата темнина И која врата потоа да ја отвори Во куќата на лошото време Во домот на поразените Коњот и острата сабја Исчезнатото минато И лудата глава на Козакот Од пештерата на сеќавањето Што напати се отвора. РОЗИТЕ НА ПРСТИТЕ НА АКСЈА Кога беревме купини во еден далечен септември негде зад Брегалница, кај балвански ливади, помалата ќерка на бегалецот Козак дотрча со раскрвавени раце. Погледнете, погледнете на моите прсти цутат рози. Викаше на руски Аксја. Посмотрите, Посмотрите! И никој не знаеше кои од розите се гризови од трња а кои бакнежи на невините плодови. ПОКАНА ЗА ВЕЧЕРА на Конески Сега кога знаеме оти младоста ги напушта и похрабрите од нас нема повеќе по што да жалиме Блаже, да каснеме од твоите Чушки Горчината е најблагиот корен на сладоста Нас слична глад и иста жед нè измачува Да седнеме на софрата на Поезијата негда скраја Подалеку од челното место И од оние кои шумно зборуваат а тихо мислат Сакам да ме поучиш како засмејуваат обичните зборови оние зад кои ја криеше тагата. ДОМ Поезијата (онаа што верува дека ни служи) можеби е дом за духот на страдалниците: за заборавените во широкото поле на зимата пред големата порта на студот; За исправените и скрбните пред заканата на пријателот штотуку здружен со демонот Поезијата е дом и за нас до вчера сè уште без татковина Затечени на половина пат до својата вистинска последна незаменлива љубов. СУЛТАНА СО ЗБОРОВИ ЗА СИНОВИТЕ ДИМИТАР И КОНСТАНТИН Песната е огниште (Пробуричкај само и ќе сретнеш жарче). Кога е во срцето песната е будилник Втасана на усните, веќе му е придружник На пламенот што ја обојува муграта. Ја виде ли пастрмката? Кога го прескокнуваше бранот Прстите на сонцето му ги искрши. (Црвените дамки со кои се дотерува пастрмката, капки се од крвта на сончевите искршени прсти). А зборот на песната кога ќе гргне од срцето (како момчак што прескокнал плот за да сади дечиња што ќе трчаат по градината) што ќе искрши тогаш зборот, кажете! О само песната умее да те прошета до устието и да те врати на изворот. Оти песната е талкач Верен придружник и соговорник од патеките на умот Ака по беспатици а штом ќе пристигне дома Прошетува по одајата со погледот на домакинката тргната да го крене пердето за да помуабети со Ѕвездите. Песната е кандило; и молитва; млечен заб на дете фрлен на керамиди; убав збор изречен на пладне (на чешмата, покрај полни стомни со вода, со вода...) Колку води езерото назбрало! Колку песни во нас натежнале! Кој ли јунак ќе се пронајде песните од сон да ги скорне Да ни бидат Царот што го немаме? Кутрите Планини, затечени в расчекор А не знаат каде им останале сенките Затоа и стојат толку огромни, врзани за јазолот на немоќта. А нам, велат, сенка ни е песната Со нашиот чекор таа чекори, со глас наш и таа се смее Со нашиот плач и таа тагува. Штом сенките некој ни ги отме Зарем нема да станеме глуварче (најпослушно дете на тишината)* што најдробен ветрец го соголува? Веќе гледам: Се к'ти ноќта црна** Песните му прават пат на сонцето Пред песните чекорите вие. ГРАДИТЕЛИТЕ НА МОСТОТ Во занесот да го создадете најубавото Не заборававте на полезноста О стари мајстори Го вградивте во мостот и кременот (Огнениот череп на Кралот од каменото доба). „Таму каде што се јавуваат искрите зборовите се смеат“ Шепотевте многузначно, мавтавте со секалата и го палевте тратот „Нека гори како судбината, бавно и без искри“ Говоревте а длабоката ноќ од високо За секоја глава фрлаше доволно ѕвезди Некој од вас се досетил тогаш За лулето зајмувајќи од кременот жарче Дека градбата ќе биде вековита Ако ја вградите во неа и вашата љубов. И сега улицата живее од небото до Камениот мост А оттаму продолжува за да се влее Повтор негде далеку во ѕвезденото небо По мостот поминуваат и радоста и тагата на животот Помина по него и чадот од тратот, и молитвата На невестата што ја вградивте во темелите... Најмладиот најубавата долго ја оплакуваше (Беше толку млада и му беше жена). Сè се случи како во приказните... толку обично… Ѕвездите паѓаат и понатаму во реката Што требаше негде да пристигне. (Можеби и затоа Не се слушнал заѕиданиот во ноќта женски плач). ...Реката требаше да пристигне негде пред да се раздени Па течеше... реката мирно течеше... НОЌ НА ДРИМ Не постојат јагули што не поминале низ утробата на песна (карпине од западниве планини поминуваат само низ бакарен залез) Инаку што ќе претставуваа свирепите беспоштедни талкања и авантури на јагулите по студените води високо високо (низ каменото планинско грло), кајшто рожбите на тајните ги убиваат сестрите тајни. А сепак станува збор само за патека на љубовта (За да ги помести нејзините синори Парис поведе десетгодишна војна). Колку години му треба на патот на јагулата до сонот што блескоти во зелената мов на карпите и е населен со псалмот на оплодувањето? Седевме на мостот на Дрим, во Струга, негде на истекот на Четириесеттите. Еден рибар потемнет од животот и од водите ни ја прикажа јагулата како трагач по загубен сон, (а ноќта за него и не беше ништо друго туку истекување на црнилата на денот). Јагулата што рибарот ја извади од реката ме потсети на разумно суштество склопчано во мрежата околу својот сон додека фенерот со мрзелива петролејска светлина бавно но грдо ја разголуваше. ЗБОРОТ Зборот, само игра на случајноста или трагач по загубениот поларен свет: помеѓу јатата ситни птици на островот на смрзнатите водопади, со патишта што треба да се изодат пред да станат проодни А сонува Атлантиди во ѕвездениот архипелаг Зборот, раскрилен бран што срчено ќе го крепи Ноевиот ковчег во водите без граници Или само фрлен зрак врз твоето мрачно лице што не знае каде спие, кај се буди, А сонува Атлантиди во ѕвездениот архипелаг Зборот, потоната надеж и измолкнат крик од молчеливите води. Така Бог му го враќа видот на слепиот. Па земјата под главата повторно е земјена иако зборот заминал. Тој е, велат, на седмо небо И сонува Атлантиди во ѕвездениот архипелаг. БРОД БЛИЗНАК НА НОЕВИОТ КОВЧЕГ Хартијата од која градиш брод за внукот можеби е лист од поетска тетратка Или само потсетник, азбучник, а можеби и обичен збир од зборови при обид за песна во која ќе се разјасни случајот со украденото море: „Зошто преку планини го занесоа во непознат крај?“ Следат реченици: За поспаниот ветер и заскитаната слобода во крошната затрупана со јаболка ( од првиот до последниот грев) За веѓата.За лепешката од сонот. За белиот бастун на слепецот. За очите на поетите што истекуваат како загубени далечини. Во себе кришум веројатно разговараш со птиците единствените пријатели на поетите, што пролетуваат реки полиња гори (само птиците ја паметат исчезнатата Атлантида опколена со откраднатото море на поетите) Во својот конструкторски занес не забораваш да ја создадеш палубата Но притоа избираш и зборови, најбрзи зборови зборови со крила, зборови со умеење на птица во одредување на страните на светот Можеби тие треба да бидат едрата што ќе го поведат бродот низ тесните длабоки клисури и покрај подводните ‘рбети на могилите во кои се закопани соништата на отскитаните Одисеи што сега немаат море да се вратат. Сонот нема филтри. Затоа и мртвите ни идат на гости. Зборовите разменети со нив се исто така овде. Ги врзуваат високите катарки (тешко се доаѓа до нив) Бродов е само близнак на Ноевиот ковчег За да ги спаси зборовите од грдата луња на злото. ЕВОЛУЦИЈА Одамна високоумните трудбеници од Книжовните катедри во Европа а и кај нас Потрошија прилично труд за да го осудат срцето И неговите интими, соништа, гачки. А врталиштето на Ваквите каприци го омеѓија со решетки. Природниот нагон остана препорачлив Само во врска со продолжувањето на човечкиот вид (Со оглед на потребите за пресно топовско месо). Кога и во областа на размножувањето ќе се воведат Гледиштата на книжовните катедри Епруветата ќе го замени машкиот орган А среќните луѓе, кутрите Неандерталци, најпосле ќе се Ослободат од својата Ахилова пета - тестисите. НЕКОИ ДРУГИ ЗБОРОВИ Тоа беа тие други зборови: разновидни И секој на посебен начин своеглав А ги прибра од исто дрво (од една дарежлива овошка, со стотина гранки можеби И уште со по стотина гнезда на секоја гранка И уште со по стотина стотици зборови во секое гнездо) Испилените слогови и расплаканите букви од крошната Лично ти ги подаде Вистината, со насмевка На оџачар кој верува дека раздава среќа. А ти, излезен од постелата на розата Или од некој друг пообичен цвет, на пример Анамска рака (цвеќе што секому му нуди скромна насмевка, Но и нешто друго, умешно затскриено зад насмевката) Ја истресе утринската роса од очите, И знаеше дека согоруваш, како младиот крпач на Чевли од сутеренот, додека £ предава чифт Поправени летни обувки на студентката од мезанинот Во која потајно е вљубен. НА ПАТ КОН ОТВОРЕНИОТ ЧЕРЕП Анѓелот што вчера наврати кај мене неочекувано ја дофати мојата изненада и ја фрли далеку, многу далеку, како топка како детска играчка. "Она што никнува од семката на зборот нема само едно лице", загрижено рече тој. "И не барај од зборот да плаче Или да се смее Зборот е голема опачина на она што треба да се случи А опачината, опачината е отворен череп Од неа се јавуваат можеби најлудите цвеќиња Оние што не си го знаат ни името" „Посакав, реков, да сторам само чекор. Еден чекор!“ „Но секој чекор е нов збор“ ми довикна анѓелот Се насмевна и мавна со крилата: „Не заборавај, во прашање е светлината!“ Потоа се оддалечи носејќи ја в раце насмевката. ЦРНАТА ПТИЦА СЕ СМЕЕ Ѕвездите мои трчаат по мене во темнината Тие безочни дрски бесрамни животинки Што се умилкуваат додека Касаат и додека поганат наоколу Вреват: ние сме гласници на мајките и на татковците Врескаат: ние сме црешови цветови Од градината на твоите мртви сестри Клај нè на јазикот ако не веруваш Пробај ја нашата треперлива белина ако не веруваш И лудо се смеат ѕвездите мои Што трчаат по мене во темнината И кинат кинат од моите меса Од мојот здив од мојата возбуда „Како ме пронаоѓаат?“ Ја прашувам црната птица на мракот. „Зар не гледаш како треперат во твојата крв Нивните живи очи?“ Ми вели Црната птица и се смее. ВО ПРЕДГРАДИЈАТА НА РЕЧЕНИЦАТА Заскитани светлини по ноќни патеки Во предградијата на реченицата. Стареење по тревници Со одек што се оддалечува. Зад насипот загатки од инсекти. Во пенестата топка на глуварчето Неочекуван трескот на гром: Илуминација на зборот што и се обраќа на песната. Изгубен во осаменоста ќе беше малиот Дом Без оној дрворед од сомненија И без приказната што ти ја принесуваат Духовите на тас од ветрови прачки Завиткани во срма од месечина, Негде во предградијата на реченицата. ПРАЗНИЧЕН ДЕН на Петар Мазев Зошто не и тишина Зошто не и праг Што води во домот Слично на скали Што треба да нè одведат до прозорецот на душата Минуваме низ запален снег Во сончево јануарско утро Белината е кладенец Црешовите цветови Доаѓаат да се огледаат во него (Аџилак на нежноста. Чекори што не го допираат јавето) Каде е излезот кон терасата на сонот? Како да се смири илуминацијата на вулканот? Широк замав Ја отвора утробата на денот Од темниот облак скакулци само еден слетува Да избере могила за мртвите крила И заспива во песокта на заборавот Со смеа што прска црвено Маестрото слегува од сликата Со мечот на Хамлет во раката А никогаш не слушнал за боите на смртта. БЕГСТВО Се вратив во заборавениот дом (Речиси незабележлив среде шумата од зборови) Овде сè е приготвено во вид на копнеж Како во собата на Алхемичарот кој штотуку И се приближил на формулата за објава на златното доба (Мислам дека станува збор за нестварни одаи Или за скалила што водат кон нив) Сè се случува така како што упатуваат древните книги Патеката е со покривка од најлесен пердув Од истата воздушеста материја од која била скроена Некогаш првата облека на Ева Избегав овде за да го заборавам оној друг свет Со брдо кренато за да се измачува Сизиф Со столб издигнат за да го оковат Прометеј Со оној обезглавен труп од Пеколот на Данте Што ја држи за коса сопствената глава И ја носи покрај себе место фенер. Каде што престојував љубовта беше најпрогонуван порив Инаку за Одисеј боговите зар ќе смислеа Најзаобиколен пат кон саканата Пенелопа Реалноста е состојба на живот што си заминува А сонот е траг од копнежот што незнајно исчезнал Дали сме ние трагачи по реалноста престорена сон? Остворување на целта зар може да е само Изодување на долгиот пат на копнежот? СКАЛИТЕ Проколнат сум да живеам на скаливе што Нигде не водат: качување...слегување... Лесно им е на поетите - ќе повикаат две птици И еве ги, долетуваат. Едната со црно писмо во клунот Другата со гол лист. Птицата со црно писмо Ја праќаат во манастир. На белиот лист Ќе напишат тажна песна за мртвиот монах кој лета. А јас уште не знам како мртвите летаат Каде ќе си починат и што зборуваат. Потоа не сум упатен дали е сеуште со важност Стеченото право од библијско време На кое се повикува детето на најдревниот ветер Зачнато во јаболкницата чиј убран плод Бил клучот што ја отвори вратата на смртта. Оттогаш ова библијско ветре Води разговори во името на смртта. Нешто ме прашува. Нешто ми кажува. Оди си ветре, му велам, јас сум многу жив! Само сум проколнат и фрлен на скаливе Што нигде не водат... качување... слегување... ПОЕТ ВО МАНАСТИРОТ Нели студи осаменоста? Оној што се труди да ја раскаже надежта Втасува пред амбис. Зошто не најде попогодно место за ручек Зошто токму овде каде што светците се хранат Со звуците од трубите на малите анѓели Што им ги принесуваат во посветен сад Воздушестите прсти на минливоста? Кого возвеличува твоето молчење? Зошто небото не ти подава рака? Дали загубеното го бараш Или посакуваш да го откриеш преминот Кон заборавноста? Колку е видлив Патот на вистинското паѓање? Што мислиш за болката на Синот Спасител Положен на одарот што човекот го смисли За да го прикаже достоинството на смртта? Синот не смееше толку да страда Тој сепак не беше само човек. Дали наѕре во тишината на она Што обично го нарекуваме друг живот? Што прават облаците во тој крај? Дали врне дожд? Колкава ќе беше твојата изненада Да ја видеше мајка си со отворен чадор Додека шета низ Рајот! Што ти рече светецот, оној, закопаниот в малтер, Па ти се насмевна како да му одобруваш Од кога во вашите разговори Почнаа да навраќаат и насмевки КУЧЕНЦАТА НА ГОСПОЃАТА Песните го одрекоа она што го говореа Го искорнаа она што го мислеа Какво апсурдно однесување: Решиле да бидат слободни! По патот, додека ги барав, Среќавав чудни мртви гласови И цветови од отворени рани По кои си играеја непознати букви Што шумно ме исмејуваа „Твоите песни се на плоштадот“ Викаа бесрамно буквите „Некој ги повика да бидат пеперуги Па сега ја храни со нив правта“. „Каде сте, глупави песни?“, Стоев сред плоштадот и викав. „Каде сте проклети песни?“ „Една госпоѓа ги собра, зар не виде?“, Праша слепиот питач од Камениот мост. „Една госпоѓа им врза ремчиња на вратот И ги поведе. Зар не слушаш како лаат?“ РАДИКА. ЕЛЕНСКИ СКОК. ДИЛЕМИ. Осамнувам. Воскреснувачки миг! Со онаа очекувана проверка: Пребројување на здравите органи; Состојба на духот; Зачуваност на насмевката; И сето тоа проследено Со трема, возбуденост, страв Како при скок над бездна. Какво чувство ја обзема Гасеницата Кога ќе се разбуди Дотерана со крила? Дали на преминот Од лазење - во лет Е присутна сенката Еленски скок: (Лет кон ѕвездите? Врзување на два брега? Премин на сонот над зинат амбис)? Или станува збор За обичен двојник на божилакот Опчекорен над бездната Не за да го надмудри скокот на еленот Туку за да го принуди и исплашениот Да помине со човечки чекори над бездната По патот што ќе ја надвие Збунетоста од стравот. Нашето враќање во кутијата на денот Е враќање на гасеницата на зелениот лист. Само птицата на дилемите Останува високо над нас Во потрага по ветката за починка Но ветката сè уште не брза да израсте. А некогаш ловецот дилемите ги носел Во срцето на соколот Што му стоел на раката. ЏИНОТ СО МОРСКА УТРОБА И ПОМАЛИОТ БРАТ ВО ГОНДОЛА Вечерам. Ме надгледува Џинот дотеран во насмевката На медузата Мадона од топлите мориња. Зборовите на Монструмот се метален ситнеж Натрупан во џебот за на пазар. Откривам: Додека зборува Џинот се смлаува; затоа му помагам Поттикнувајќи го да не ја штеди имагинацијата. Му нудам преполни кесички молитви, гачки, поговорки Дури и пуканки од зборови што не ќе смее да ги џвака Тоа се зборовни снегулки. Го прочиствуваат грлото Везув ги користи по секое изригнување. Џинот се смее Никогаш не дружел со толку откачен затвореник Ние сме играчки на релативноста, вели тој со епилептични гестови Инструменти за реализација на сложени композиции Од кои прска умот а облаците воздивнуваат Гледам како растат отровни насади во неговата утроба (На моменти кожата на Џинот станува проѕирна Дури и розовомлечна, како кај Аксолотлот На Кортасар или како статуите на Буда излеани од Кинески проѕирен порцелан). Насадите растат Кожата на Џинот се тенчи а тој се смалува. Се надевам Многу брзо ќе го има растот на брат ми од пет години Кога ги навлече огромните чевли на татко ми. Да ја имав тогаш шетано Венеција, брат ми ќе го сметав За најсмешен гонделиер што патува по морето во Гондола од чевел. Господи, имам шанса да се избавам И да го поништам злото на кое сум изложен. Стига само да замавнам по главата На смалениот на превара Џин. Како она, кога баба ми Со еден замав на лопатката од пластика Ќе извезеше црвеникава шара од смачкана мува На бело варосаниот ѕид (Но нели, и убиецот на Злосторникот е убиец?) А притоа, како да се Ослободам од помислата за петгодишниот брат Кој беше исто толку мал и беспомошен (Притоа и смешен) додека патуваше по морето На животот во гондола од џиновската обувка на татко ми? Дали ќе го поништам споменот за братот Кревајќи рака на Џинот престорен дете? СЕ НАСТАНУВА ОД ЉУБОВТА Луѓето како детски играчки (Со изградени софистицирани механизми И со батерии место огнилото на старите пушки) Лесно кршливи Совршени играчки Спремни за употреба ( За злоупотреба) Скок од највисока точка на сознанието Во најкрастава локва. Нога фрлена на загубен пат Очи што гледаат сниско додека ја бараат насмевката што се разлева од казанот со Тенко влакно огнен пијалок. Животот упорно брза кон приказните за исчезнатото време што луѓето-играчки Не умеат да ги прераскажат; За нив времето е празнина Могила што треба да се насели. И соништата на загубените талкачи се мртви Луѓето- играчки се без судбина. Помогни ми да го објаснам тоа исчезнување. Луѓето-играчки ми дишат во вратот. И кога се ракувавме со смртта дишевме, бесрамно тврдат И брзаат да се засолнат во стројот на мртвите. Чекам токму на овој премин каде ќе можам и омразен да пеам. Од тронот на упорноста песната владее поприродно Одошто од амфората на младешкиот занес. Брзам да го разградам домот на мирните зборови Но кој е зборот што ќе го искриви привидот во огледалото? Не им верувам на гатачките со рамни гради што првин ќе те надојат со љубов А потоа ќе ти проречат умирачка. Подготви ја постелата. Сè настанува од зрелоста на љубовта ГУБЕЊЕ НА СВЕТЛИНАТА Сега кога речиси неосетно нашиот поглед Ја губи светлината што шеташе со години По обожаваните предмети (Трепери само уште по предметите Што сонцето ги држи во раката дрско протната низ стаклото на прозорецот) Прашање е значи сега како да обучиме друг орган За дружење со светлината А и која е азбуката на изнудениот говор на мракот Кој стрпливо во ќушето на животот чека? Дали и таму помислите се престоруваат цртежи Препознатливи како и пораките На немата молитва на жената што коленичи Уверена дека светлината од иконата Ќе падне во скутот на нејзината осаменост? Возбудениот космос на нашата надеж Загрижено го крие списокот на нештата Што не смеат да заминат в темнина Списоков засекогаш треба да остане во раката на сонцето: (Земјата. Родот. Имињата на убијците на слободата. Но и на оние кои нè научија како да го пишуваме нејзиното име). Упорноста на сонцето умее да пресели Цели езера на небото А мртвиот поглед го има осетот на кртот Кој ќе ископа и премногу мрак за да излезе На прошетка по месечевата патека Поема на живеењето. Со светол стап од месечева срма во раката ОД КНИГАТА НА ТЕМНИНАТА Кога си заминуваше светлината Денот квичеше како слепо кутре И го фрлија в река Ако ја надвие водата и залае на песокта Ќе му стане водич на слепецон што чека на брегов Не зборувам за тебе Те имам заборавено на друго место Во друг час Но таму животот зависеше од ковачите На соништата А ним никој не им посвети ни шугава песна. Големата Мечка ја гледам Како слегува од длабочините на Северот По истиот пат по кој слегувала и во времето на походите на Александар Велики Барам некаква смисла во мистеријата што ни нуди непроменливост на виденијата, а груба минливост на толпите набљудувачи. Гледаш, јас сум повеќе син што не верува а помалку старец што не умее Понекогаш шетаме заедно по подземната железница Ти и јас Јас и ти. (Земање часови по Живеење под земја) (Мора негде да се истресе правта од искуствата за тоа Како кај нас толку лесно и пријателот ќе те предаде) Некојси кој ги бележи суровите аргументи Некогаш и метафората ќе ја повика да сведочи. Во лудава ноќ песот излезе на песокта Слепецот заскитан во својот неповторлив свет Мирно ја прелистуваше книгата на темнината. НЕПОСЛУШНИ ЗБОРОВИ Колку да и верувам на немоќта? На мојата но и на твојата немоќ, Господару? Твојата - да погледнеш храбро во мојата слобода Мојата - да се довлечкам до празникот на праведноста. Спомнувањето храброст, дали тоа не е понекогаш Копнеење по загубен кладенец в пустина? Оној кој талка по исушеното корито кон изворот Препуштен на огнените дождови на сонцето Ги познава искушенијата на црвот Кој тргнал во потрага по ветениот плод А заскитал во конаците на жалната врба. Многупати разговорав со Тебе а Ти не ме ни забележа Така и Господ се однесува со понекоја од нашите молитви Си рекол: иако плодот не го кани црвот на гозба Тој сепак ќе пристигне на тајната вечера. Не, дури и поканет не ќе присуствувам на такво славје; Каква ќе Беше радоста што може да се искаже Помеѓу грдите создатели на недокажани вини? Господару, ќе допуштиш ли овој дотрајан старец Да врви и понатаму по улиците без придружник Впрочем нели него постојано го придружуваат Цела една толпа непослушни зборови. Допушти му на несреќникот да ги рашетува нив По лудите стрмнини зарастени в троскот. Можеби со упорноста на зборовите Помеѓу коровот ќе издлаби патека По која ќе посакаш да поминеш и Ти. ОД "СТАРИОТ ЛИСТ" Сметам дека времето на загубените вредности Мој Императоре продолжува да живурка: Тревките ги почитуваат пропишаните сезони, Реките не ги менуваат коритата на својата страст, А виното и понатаму лудува под жедните чардаклии. Вчера го прославија овде св. Трифун А несреќниот Валентин остана в сенка Во просветениот свет најпрвин доаѓа љубовта А потоа опиеноста. Овде пијанството е зачеток На секој зафат. Оставам, мој Императоре Самиот да изведеш заклучок. Не велам дека Времето скршнало во лоша насока. Немам храброст да пресудувам за нешта Што му се потчинети само на Твојот суд (Дури и кога врне, слободен сум да заклучам Дека дождот е Твоја награда или казна). Нарачав да исковат посребрена колесница. Во бронзениот залез кога ќе поминува Да се разлева наоколу императорска глетка. И во долгата ноќ што ќе уследи потоа Гладните да имаат побогат и полесен сон. На бунтаџиите што го повикуваат времето за судија Им го одзедов бесправно узурпираното време. Кутрите, и кога ги зафати огнот, уште не знаеја Дека тие си заминуваат а времето останува со нас, според Твојата волја. ПСАЛМ Господару, го возвиши зборот а не човекот! Нели, Човекот го задржа на крстот А зборот го пушти да слезе Заумно семе да посее. Господару, му прости на огнот но не и на човекот! Нели огнот го остави да излезе од пештерата А Човекот што го носеше пламенот Го окова на највисока карпа. Господару, се сожали на птицата но не и на човекот! Нели птицата ја избра за гласник Што ќе го објави крајот на Потопот А Човекот го остави да коленичи пред брановите. Господару, ме плаши пораката од твојот трон: „Страдањата низ кои ве водам Треба да ве избават од стравот“. ПАРТИИТЕ ШАХ Живеам во големиот сон на една мечка Затворен во скришна просторија на Дното од пештерата. Не вечерам, не појадувам Осуден сум на молк. Дури и слепите партии шах, Што ги играм со сонливиот самоповикан господар На мојата приватност, имаат чуден тек Мојот црн Крал на еф 1 му служи за потсмев Речиси постојано го подложува на заканата Дека за час може да го проголта и тоа Без употреба на расипаните заби и Поспаниот јазик. Се разбира, во играта Ја вложувам сета моја умешност а во пресудни Моменти и добриот анѓел го викам да ми помогне Но тој не се јавува. Изгледа одбраната од Насилства не спаѓа помеѓу обврските на анѓелите. Затоа толку е грд животот на мојата Кралица Затоа и сè почесто ги избегнувам игрите шах. Не сакам да слушам како ја нарекува Ороспија. Ја прашува дали ќе легне со првиот Шумар што би се обидел да ја ослободи. И вели дека брадавицата на левата боска И е позрела и дека набргу, многу бргу, ќе ја гризне Таа презреана капина И притоа бара од неа Да ја свлече кралската наметка Да ја симне круната Ако не и е зарастена во темето А дури потоа ќе и заповеда да ја покаже Спомнатата града. Има денови кога ми поаѓа од рака Да ја засолнам зад топот Или ќе го довлечкам Од заднината здивениот коњ Сè си замислувам: Кралицата скокнува на коњот и бега Но набрзо очаен заклучувам дека моите итрини Поради осудата на молк или недосетливоста На Кралицата не поминуваат во овој мечешки свет. Ќе ја грабне ѕверот несреќната Кралица во мечешката шепа И бесрамно ќе објави дека сум ја загубил партијата. Не знам дали потоа спие со неа или излегуваат На прошетка Тоа се толку тајновити нешта, За нив никој ништо не раскажува Само знам дека во едно од идните утра мечката ме разбудува Од зимскиот сон и грубо бара да играме нова партија шах Фигурите се убаво подредени а Кралицата, Кралицата со некој Нов нескриен пламен во очите нестрпливо чека Да го повлечам првиот потег И да ја упатам кон нов пораз. ВОЛШЕПСТВА ВО СОБАТА НА ГОРНОМААЛЕЦОТ СИМОН ВО НОЌТА НА СТЕРЕОТИПИТЕ Да тргнеме по шепотот на ноќните хорови Иако за нив малку знам Волшепството пристигна Во колесница од зборови Во Волшебната соба веќе не си сам. Надежта има сè потемни очи Пеперугите нејзини се будат Мислат: светлината крие чуда. Но светлината почина Жива е само возбудата. (Возбуда во просторија Кај што чудата не си играат Со каприците што можеби ќе станат историја). Ќе спомнам недоразбирањата колку учат Од средбите на постојното со илузорното Кога предметите еден до друг притрчуваат За да го одречат или потврдат спорното Овде нема роднини а сите блиски Отскитаа во посветли простори Во одаите прозорците се ниски Потсетуваат на натрапници а не на гости Така е и со ветрот во градината Наминат во невреме, самиот како што вели, Ламбата е згасната, па сепак виделината Заборавена зрачи од ѕидовите бели. Дури и наслушнуваш едно од умните лица Како ти ги испраќа пораките свои: Погледнувај низ прозорецот Твој свет е улицата Вклучи ја во пресметките твои! Потоа наидува заповедта која Од збунетост и самата останува зината: Вели: исплази и го јазикот на вистината! Знам заповедите не ги смислува времето празно Станува збор за состојби од нашето минато (Исплазувањето, јазикот) ги имаат поминато Сите едукативни степени и тоа под наш надзор. Но за да пристапиш кон извршување на заповедта (Да го исплазиш јазикот користејки придружба звучна) Вистината треба да слезе од ридот на одбраните Да ја прифатиш како академски поучна И да поверуваш дека ти ја праќаат привилигираните.. Ќе цитирам уште една од пораките стари Што збунува за жал: Свлечи го срамот од одеждата Господ што ти ја подари Откако и вдахна живот на творбата од кал! Што се однесува до срамот - За него одамна сум свесен Но кога е во прашање творбата Не сум сигурен дека од кал сум замесен . Мислам дека сум обично дело Од љубовна игра долга и незборавна На кревет со железни федери и сламарица. Вистината вели: Човекот ја јавна Расната кобила со единствена намера Да ја совлада бескрајната рамница! ( А човекот не може да јава без да сонува)! Сметам дека сум рожба на таков сон на маж И сон на жена која престорена бран Ги носи сите желби на доцната доба. И, замислете си го тој занес - в сиромашна соба Без стилски мебел, без големи љубовни зборови, Без јасен поглед во иднината! Чудесен потфат да се создаде творба Високите талази на желбите да се збиднат! Животот е полнење на испразнет простор Светлост што патува од праг на праг Животот е река што тече и под мостот Нечујна од шепотот на молчеливиот мрак. Ти си закалуѓерен во оној ред во кој зборот по вистината талка горд си на својот праведен изглед но токму во изгледот можеби си извалкан. На сонувачите препушти им ја темнината Во волшебната соба користи го секој миг Следи го слонот во прошетките по градината (Стереотипот не е водич туку послушник) Јавето ја користи светлината за да го исмее мракот Патеките на распрснатите илузии се грди. Сочувствувај со страдот на Болен Дојчин Кога ќе утврди Дека неговата немоќ во него се наоѓа: Не е веќе ни брз, ни цврст, ни величествен. Иако во триста лакти платно завиен А Црна Арапина веќе му приоѓа! ПРАЗНАТА РАКА ОД БРОНЗА Животот како пловење по матната река На штотуку скротената налудничавост. Или качување по скали што водат Во куќа од здрав камен. А таму, по одаите Шепот! Притулена радост во очекување на надежта! За да се избегнат ходниците на болката и на утехата Треба да се помине брзо, енергично, Уште на почеток да се одрече милозливоста. Треба да се искористи употребливоста на мигот. (Миговите го качија човекот на небото! Месецот беше само попатна постојка На експлозијата на мигот). Не знам како се негува двосмисленоста. Дали само со насмевка? Или со зачуденост? И колку таа ќе ја охрабри изненадата Најиспробаната метода што треба да ја навести победата. (Упатените ја паметат опсадата на Троја. Огромниот дрвен коњ. И морето кое од далеку ја исмејува лековерноста На Тројанците кои во оган или со копје в гради Ќе го дочекаат првото утро на својот пораз). Дали да се сака ближниот и колку? И колкава треба да е блискоста со оној Кој не може да и послужи на корисноста? Зошто го поттикнуваме сентименталното Однесување кон месечината? Веројатно затоа оти и отсутна Месечината го осветлува со својата старинска ламба Споменот за некоја незаборавна ноќ. Животот е движење на сеопфатноста Во нас и надвор од нас. Но како да се прифати грдата вистина Дека животот е и одречување. Колку е бесмислено тврдењето Дека триумфите се најблиското соѕвездие За оние со кои управува умешноста! Зар да го осудиме принцот на Честољубието Ние што знаеме од најрано детство Дека речиси на сите паметници на великаните Високо кренатата рака од бронза Иако празна нè храни со надеж! ПОМИРЕНИТЕ СО ГЛАСОТ НА СУДБИНАТА Никогаш не сме толку смешно големи Како во приказните за нашите победи. Стига да ни намигне од далеку Таа натраплива заводничка, победата, И стрелката на часовникот ќе из'рти од коренот на времето Ќе блесне заслепувачки знакот, белегот, зборот - Високиот неодминлив крајбрежен светилник! Победата е како големата љубов: Охрабрува, возвишува, возхитува, пленува. Погледнете ги само одличијата што им го красат Сонот на пофалените граѓани: Перо од крило на тропска птица; Рачка од слонова коска; Заб од вепар; опаш од сребрена лисица. (А од долапите љубоморно тропаат, Похвалниците, медалите, ордените) Кога се во прашање поразите, Никако да ги откриеме патеките што водат до нив (Или ќе се повикуваме на недоодни лавиринти?) Дури и ако наидеме на некој белег од поразите по упорното копање во себеси Тој одвај забележлив срамен податок Ќе побрзаме во првото утро да го измиеме На кладенецот на заборавот со рацете на сонливиот Пилат. И песот верен него го премолчува Дури и за мачката, сестрата на месечината, Овој податок преттставува отровна стрела Затоа го смета слуга на предавствата. Само, насоне, на полноќ, поразите ќе ја напуштат Скривницата што им ја стокмила внимателноста И тогаш може од одајата да се наслушнат Нивните чекори како со мракот шепотат. Јас сепак претпочитам да сум овде, Помеѓу помирените со гласот на судбината, Помеѓу ослободените од честа Да го носат знакот на победници Помеѓу луѓето кои во поразите откриваат И своја вина. И знаат дека Божјите зборови Не се негде далеку и недостижни Бидејќи тие зборови со светлини се хранат Од нашите човечки чекори. ЦРНИОТ АНЃЕЛ „Ќе го закопаш гневот во метален сон Потоа сонот ќе го однесеш на ковач Да искове од него меч Сечилото ќе треба да отстои Во смрзнато срце на змија Растена на најлудо сонце Да блескоти Да блескоти Да блескоти Со вулканско црвенило“. „А потоа? Што потоа?“ „Ќе одиш, ќе ја прободеш неправдата Ако таа веќе не те убила“. „А праведноста? Зар нема да ми помогне мудроста на праведноста“, прашав? „Праведноста? Што ти паѓа на ум, Разгалено, неразумно суштество! Праведноста како и земјата на Хазарите заскитана е зад некој друг облак, натаму... понатаму“... „Па чиј е тогаш оној глас ноќен И оној утрински рев што го прободе сонцето со меч среде срцето?“ „Тоа е твојот глас. Тоа е твојот меч“, Се ругаше Црниот анѓел. ГРУБИЈАНОТ ВРЕМЕ Ништо не е совршено. Оној што очекуваше помеѓу замрзнатите водоскоци да прошета април па да го засади над ноќната градина зимурливиот божилак замина кај саканата да си ги згрее рацете. Ти ли беше чудакот што ја смисли смртта на розата? Или и тоа беа прстите на Грубијанот-време. Скалите ги нема. По нив се качуваше слегуваше некој друг Никој никому ништо не му кажува. А сонот е во егзил. Не помислувај дека господарот на говорот ги испратил зборовите во прогон Секое утро те расонува истото прашање: како ќе оконча приказната што ти не ја пишуваш туку животот? Излезен си од запчестиот многуаголник сега чекориш по еден свет празен, рамен па дури и нестварен: ехо од прошка што не смее да исчезне. За среќа светлината не е до крај изглодана Предавничка насмевка кодоши од еден од прозорците. Некој ги крева тешките пердиња на молкот Или на вратата на твојата зачуденост тропа Грубијанот-време МРТВОТО ВРЕМЕ Видов една роза како се разбуди кога ја допре Разнежениот зрак. Се извиши над себеси Ја крена раката со раширени прсти И видов кога тие прсти Го дофатија сонцето на сеопфатната нежност. Видов еден брег пред да се струполи поткопан од Надојдените води ( притоа сиот окитен со Штотуку растрчани кон реката сончогледи). Ова уривање ме потсети на старецот кога клапна од столот на крајот на реченицата за животот: „Животот умее да расветли но знае и да смрачи". И судбината е меѓник како и времето Иако судбината не е зафатена со броење минути. Старецот се сметаше себеси за среќник Бидејќи му се измолкнал на фатот на судбината. Старецот рече: "Сите мои луди соништа Ги ловев со мрежа за пеперуги. Само она што ќе го сетиш во раката само тоа е твое“. Тој се свлече од столот како и брегот Видов како од него се креваа зборови сончогледи Како раце на давеници што го стегаат во дланката мртвото време. ОГЛЕДАЛОТО И ВИСТИНАТА Заборавен во огледалото стои и чека (Како шапката во гардеробата по сношната претстава) Па кој е тогаш другион , на прагон, пред патеката Која негде далеку наеднаш исчезнува како конец во довезен гоблен? Оној, на прагот , се прашуваше, зошто Неговиот двојник што оостана во огледалото Се насмевна, и тоа со насмевка како да простува; Но и со молк што го исмејува заминувањето Сметајќи го за предавство или за грев? Или овој случај на делумно заминување Му припаѓа на билтенот бизарни авантури? (Нели авантурите се ретки доживувања Дури и на храбрите ловци на среќа) Но двојникот во огледалото можеби си мисли: Ваквите случаи се игри на смртта; Ќе се насмееш и насмевката ќе се вкочани; Ќе те остават вкочанет а притоа и застаклен Ќе ти дозволат самиот себеси да се загубиш. А ќе објават: исчезнатиот го смисли овој трик за да ја исмее вистината. Тоа е она малку (или многу) што го смисли Правејќи ги внимателно чекорите наназад Човекот кој стоеше скаменет во огледалото Или Оној другион, кој веруваше дека заминал И исчезнал како конец во довршен гоблен… Но кој ќе потврди што точно се случи? Очигледно огледалото не е сигурен сведок Кога е во прашање вистината. РЕКАТА ГИ МИЕ СОЛЗИТЕ Ме заборавија во реката. Или сум испратен таму Од судбината, иако се чини без јасна порака. (Неодреденоста е првиот чекор кон заборавот) Огромниот белутрак е можеби тронот На Кралицата што треба да пристигне. Реката поарчила векови без да знае што создава А каменот и не знае дека и припаѓа на Историјата Кралиците доаѓаат и си одат. Реката ги мие солзите Можам да додадам дека Реката има доволно раце За сите желби на своите кралици. Но тие раце Се врзани во една сложена плетенка Што го создава огромниот синџир на минливоста Кралицата на реката го знае тоа Знае дека и припаѓа само нејзе, на минливоста. Затоа и се служи со некои посебни зборови Нејзината проѕирност ја чини сосема отсутна Но јас сум свесен за илузијата коси Или лажовното чувство На допири на прсти; Шепот на усни што знаат да ти ги наполнат ушите Со зборови ископани од морски школки Или залутани вокали од древните записи на веќе Непостоечкиот вилински свет. И да се вратев, И да проговорев на мојот и на ваш јазик Дали ќе размислував како вас? Зборовите се Пената. Оснежена граница помеѓу минливоста И стамениот брег. Затоа и се прашувам Кому му припаѓам додека мојата проѕирна сенка истекува со минливоста Ја гледам како се протина помеѓу камењата Како да ми ги бара нозете Колку долго Ќе постои кога ќе се ослободи од нив? Како да настојува Да ја изведе омилената игра на давеник: За да го избегне брзакот наеднаш ќе му се предаде. Стојам вкопан во брегот. Како точка на погрешно место. СЛУЧАЈОТ СРЕЌА Пријатно е да ја имаш среќата за прислужничка Додека ти ја отвора розовата врата на утрото И ти го принесува на прекрасно дизајниран тас Долго очекуваното изненадување. Но кои се упатствата (ако постои прирачник) Што треба да нè доведат до палатата на среќата? Таа палата сепак постои. Инаку, зошто ќе постоеја колиби за несреќните? Близу бевме до неа, разочараниот вели, Но таа без објаснување исчезна. Слично се чувствува и туристот на Космодромот По неостварената прошетка по Млечниот пат. Пријатно е кога ја имаш среќата за прислужничка Но таа е и тежина, цврст фат ти треба! И умешност. Само умешните знаат Да и клаат огламник и да ја поведат. Оти таа умее и да ти се отме Токму во моментот кога ќе поверуваш Дека ќе можеш да ја опчекориш. Не замислувај си го падот. Паѓале и поумешни од тебе. Не мисли ни на болката. Мисли на долгиот пат Што ќе те доведе повторно пред нејзини порти. Дали секогаш среќата носи среќа И дали притоа ја придружуваат само насмевки? Подобро прашајте ги оние кои плачат од среќа Трчајќи кон шкафчето со апови за лесен сон. (Убиецот со насмевка и насолзениот убиец Имаат ист ракопис и ист потпис). Сепак ако се одзове кога ќе ја повикаш И ако ја прифати поканата за заедничка вечера Отвори го пликот пред да ја кажеш нарачката Познат е големиот број невалидно изведени договори И лажни тестаменти Постојано мислиш: близу сум до среќата А сомнението ти шепоти: далеку си. Биди благодарен ако напати ти се случи По долгото заморно талкање по среќата Да поминеш неколку моменти Испружен во нејзината сенка. ЧЕКОРИ ПОКРАЈ СЕБЕ Можеби ги избегнувам тие што не ме сакаат Бидејќи полесно се снаоѓам со огнот на љубовта одошто со снегот на омразата Но тоа дека не се среќавам со нив не е поради недостиг на добра волја. Сериозно сметам дека вистинската љубов откако ќе завладее со нас избегнува да се проверува во допири со омразата. А да не ја спомнувам и вредноста на здравата храна! А омразата е најмалку тоа. Не дозволувајте да ве заведе прошетката низ примамливото зеленило и жуберкањето на потокот со глас на девица што слегува по камењата. Не бидете лакоми по таа питома свежина! Оти, што ќе речете ако ве обвини волкот дека му ја матите водата? Секој е осуден да прави и такви чекори - чекори покрај себе како раката кога избегнува да го дофати болното место. Можеби и тоа е еден од одговорите на прашањето колку ги сакам оние кои ме мразат. ЖИВОТОТ, ПРИКАЗНАТА Додека времето во градината Се престорува пупки, цветови, Или пеперуги што брзаат да овенат Ти си собирачот на пламења од булки И тоа на патека што ти ја подметнале. Човекот сјае однадвор И поради тој блескот Тешко ќе ги откриеш Скришните премини што водат Кон неговите тајни места: Кон фонтаната на милозливоста; Кон вулканот на гневот и на срџбата; Кон садот со пепелта на надежта. Познавам старица (Со насмевка за која упатените тврдат Дека е безмилосна копија на очајот) Ја познавам откога почна да си ги витка косите Во побелен кок. Вудвосана, капната, се качува на ридот Со сите оловни денови на грбот, И со засенетите со раката очи Го претресува запустениот предел Ја бара патеката по која нејзиниот туѓинец ќе се врати. Прочитав кај Шимборска дека животот трае Неколку знаци со нокот оставени на песокта Ако побарав од спомнатата старица со бел кок Мислење за ова банално прашање Веројатно ќе изјавеше: Мојот живот уште не почнал! СЕНКАТА НА СТАРИЦАТА Прашувате за сенката на старицата што ја заварив седната под дрвото? Беше тажна и потресена поради отсутноста на господарката. Ми се пожали дека зборовите на надежта веќе ги поарчила А демоните што ги праќала под зажарениот вршник, кога ќе се нахранеле од огнот се враќале многу позлочести. „Додека мојата господарка заминуваш3е ми објасни сенката, „додека заминуваше не кажа кога ќе се врати и што да сторам! Само ми нареди овде да чекам“. „Кого да го чекаш“, ја прашав. „Неа! Господарката!“ „А каде можела кутрата да замине?“ „Не знам. Анѓелот ја одведе“ Се прашувам колку ли е осамена кутрата старица таму, во рајот, без сенката? МУДРЕЦИТЕ НА ПАТОТ НА НЕИЗВЕСНОСТА Студено беше додека доаѓавме Поточно најлошо доба во годината (Според Т. С. Елиот) Сега знам зошто тие луѓе тешко се насмевнуваат Зошто носат облека кроена од платното на неизесноста Треба да втасаат на одредено место во одреден час, а упатство им е целта Но не и патот. Камилите лежат во стрмата суводолица среде далгите на ветерот и гледаат кон премините на планината. Ги плашат острите гребени виснати над патеките што речиси се губат и повторно извираат од камењарот. Одамна веќе знаат истоштените животни оти нивните господари повеќе им веруваат на пораките од ветвите книги одошто на нивниот усет во совладување далечини А животот низ кој поминуваат не е оној што го познаваа долу во пустината туку некој друг ветен некому или посочен од некого. Мудреците тврдат дека ги води Големата ѕвезда. Тие се уверени оти на крајот на патот ќе осамне она што треба да се случи бидејќи во прашање е раѓањето на Спасителот и на надежта. Напати најмладиот од нив бојазливо ќе ја спомене чајџилницата и благата напивка од која пиеја. Веројатно мислејќи на бавчата со рози низ која шеташе мокар ветар и девојки во розови наметки. (Се случува тоа во миг на слабост, На опуштеност. Не попусто сомнението е со нив, иако не ги води). Но соблазната наеднаш истекува. Слабоста исчезнува. И најмладиот од мудреците повеќе не го измачува грешната помисла: како од прекрасен грозд извајан од килибар може да наточи чаша со пенливо вино. Колку нивниот живот е вистински? Веројатно онолку колку што е остварлива нивната цел. Сè она што нема да се случи, по примерот на притоките на ветерот, некаде ќе исчезне. СВЕТУЛКИ Исчезнување на зборот или заминувањето на сонот од тремот на песната. * Стравот на еребиците шета по стрништето пред да пламне. * Поетот, додека се труди песната да прооди без патериците од книжовните катедри * Дрвото ги истресе лисјата ги избрка птиците Разголено под небесниот туш чека. * Љубезната ноќ ги шета белите инсекти од снег по улиците на темнината. * Во театарската гардероба заборавена шапка со насмевката на сопственикот. * Полжавот додека разговара со листот пиејќи утринска роса * Под диригенство на мајското сонце концерт во разбудената градина ГРПКИТЕ НА ЖИВОТОТ Колку е осамен оној мал облак што трча да ги престигне врсниците упатени кон Плачковица! Од зад осојниот предел и зелените соништа на боровите пролетен џагор на вода и село загрнато со сончево зеленило: разграден храм без портал, без сводови, со кубиња поседнати на падината; Селаните се довикуваат со сите десет зборови; зборови од папрат, од болка, од подјадена месечина, (што талка низ миризливите гори). Зборови од малини. Чекорев по патека што дивечот ја длабел по слабините на Осогово низ години, низ векови, додека бегал од камењата, од стрелите, од оловото. Гласовите на гонителите ги гледав; Ревовите на ѕверовите ги слушав како трескотат откорнати по коријата. И весталките се чини таму беа и некому му ракоплескаа. Белки тоа беше аплауз за ластовиците што при преселбите на југ, во натпревар со невремето, ја надлетале ледената напаст Долу над Подлог млад осамен облак трчаше да го престигне веселото друштво упатено од порано кон Плачковица. А дрварот кој одмара под замолчаната воденица напуштена од водите и зборливите птици ме почести со две-три голтки од пагурчето и со приказна од Четириесетчетвртата, кога окупаторот, по борбите на Осогово, ги растовари во дворот на Кочанска црква дванаесетте мртви, од своите... Двајцата загинати (непогребани останаа во Планината) од Македонската војска беа. Двајца што немало повеќе да и пеат на слободата; Дванаесет што немало повеќе да пукаат во неа. „Смртта остава нешто како траг од кола во ровка земја. (Патем и во душата)... И чекорите на анѓелот, горе во воздухот, оставаат трага. Но никој досега не наишол на пердув од анѓелско крило. Од предпазливост, нели? За да не го откриеме патот кон Рајот... Патот кон Пеколот на сите ни е познат“, додаде Старчето... Испивме по некоја голтка за секого од нив. „Во смртта сите се еднакви“. Така дрварот рече. „По смртта не ни припаѓаат нам туку Нему“, и покажа со еден самотен прст кон небото, кон Отецот вечен. Слегував удолу кон полето големо затворено во небо и планини; омеѓено со тополи престорени во минариња од штркови гнезда. Наоколу протрчуваа сенки на далечни молњи одамна венчани за бездната. И слушав како тажачките ги спомнуваат мртвите; и како своите злосторства злосторникот ги заборава; и како смртта ги рамни грпките што животот зад себе ги остава. Мајко, Загатко на раѓањето, Света мајко! Стрело пуштена од папокот на утрото кон бесконечноста Поучи нè: Кој ни е патот? Каде завршува пештерата на болештините? Кои шарки ја држат вратата од спили? Како да ја ослободиме птицата од загатката Онаа загатка што прашува: „Зад облаците какви се планините на сонот“! (И да го знае одговорот, зар ќе ја реши тајната)? ЕЛЕНА, поема (одломки) Будење на зглавјето на сонот и на чистата постела на проѕирното небо помеѓу приказните на ѕвездите (и сè ова дури и начкртано со палави движења на детска рака)... А муграта тропа на црковни порти И топлите дланки на градителите (пред векови што го граделе храмов) со златните прсти на изгревот ги милуваат кубињата. По песочното крајбрежје коњи фучат Нозете им се долги (со колената ги допираат жабрите што им израснале на вратот). По реката на синиот воздух пловат Ти си приготвен да објавиш дека и коњине се од рибји род (рожби на водата!) (Можеби е и така. Но можеби и рацете на мугрите придонеле коњите со долги нозе да се движат помешечки). Златни бумбари наеднаш прошетуваат низ озвучениот воздух Зарем и нив ги имаат моделирано градителите на храмов Таму горе, во рајските работилници? Во сонот успаното Езеро е со лице на дете! но штом пред волшепствата на муграта насмевот ќе му се назбере се престорува старец: дедо или прадедо на вечно младите води. …………………………………………………. Во далечината заби од пена. Во сино отворените усни на вселената Езерото се смее. И ништо понежно не е од шепотот на пената. ……………………………………. „Венценосецот? Зарем овде го фрлаа в очај!?“ „Да! Овде! На брегов! Онолкупати колку што талазите ѕвезди на песокта ќе свртат Колку што мудроста на рибарот ќе ослободи зборови од тремата на смртта“. „Дали и мртвиот Кузман сенка се престо- ри додека низ клисурата на сенките го носеа? Чии беа солзите што потоа често од темното лице на небото росеа?“ „Каде замина сината тага на Радика што слезе бисерна од сонуваниот брег и му ги изми на Капиданот раните со прсти од небо и снег?“ „Дали бдеела над неговите тајни мајка му на Капиданот кога слезе месечината насмевката од Кузмана да ја зајми за да ја осветли со неа темнината?“ „Каде тргнале мравките на зборовите, што да однесат а што да земат? Каде ги чека во кој трем под сводовите на венценосецот тремата?“ „Елена не ја отвора вратата. Помина по премини нејасни ги разбуди градините на убоста“. „А зборовите, зарем и тие се несмасни кога за рака се фатени со љубовта и со лудоста?“ „Можеби Елена е белото крило на езерското утро Во сончева виулица престорено жена“. „Крени го едрото! Трчи по возбудената улица! Превтасај ја Елена!“ Црномурниот заровите ги фрли Облакот се повлече од челото, се стопи И затечен помисли: љубовта кога ќе те опие зарот не смее да е врл, и се пофали: „Можев да ја уловам пастрмката, за прекрасна вечер на ѕездениот чардак! Клетници, кој ве брка!?“ им свика на заровите и над пуловите како крило прпна неговата рака. „Не знам чиј изум е гревот! На мачката или на песот, но само заповедај, Елено, ќе го носам на највидно место!“ „Како знамето, на бродон, би го носел? На брзион? Што го напушта пристанов а ни опаш од пена не остава зад себе?“ се засмеа Елена со глас небесен, и отрча по шепотот на повејот што шеташе по езерската рудина. Се чинеше занесена, зачудена: дали сакаше насмевката да си ја престигне, или песната разбудена на птиците!? Го дофати од гранката небесна герданот од бисери и го растури по насмевнатото лице. Мелодијата стивна. И човекот е езеро И човекот ги прибира на починка своите бранови. А бранот по брегот ја збира пената од далгата зелена. По песокта на желбата шета уште шепотот - таинствениот говор на чекорите на Елена. * „Небесна гулабица, неземна! Тоа Галичица подранува во зимски тантели А сонцето слезе на рамото нејзино и не станува“. „Човекот се качува до мечтата во сонот по скали од возбуда Тешко му на оној кого предвреме ќе го разбудат“. „Белезиците се празници! Светкаат на подлактиците Ослободени алки од душата на громот во ноќта на секавиците“. „А пената од водите што шевели без престан во зинатата уста на веселата далга најнежна дипла е за превезот на невестата пред олтарот што ќе зашушка како разлистена грмушка со круна од снег и превез од магла“. „Дали реков сè за Елена? Или сонот ќе го догради привидот кога ќе седне сенката во чунот? Кажав ли дека сакав да ги тргнам очите од неа, но тие закопани во девојката беа а кога се обидов да се свртам нешто турнав (а сè уште стоев) И наеднаш од небото нејзината рака истури ѕвезди по челото мое“. Сонцето качено на огнена колесница што ја влече зелена раскрилена птица го исмејува на заровите блескотот А тие од лутина трескотат трескотат по синорите на таблата. Ликува со трескотот раката на маестрото. Змиулеста планинска патека А во зеленилото жарчиња од јагоди. За жедта најсладок залак Додека ги береш усните ти се палат. Тие се патот на птиците за кон поилото жедта да си ја згаснат Но тие се и софра со лесен појадок по полноќно славје! „Оваа пролет и черешите не знаеја колку да раснат! Пукаа од здравје!“ „Оваа пролет една берачка на јагоди слегувала од ридовине сама со полна кошница плодови и песни... Зошто никој не и кажал дека среќата е поројна самоизмама што извира во одаите на витлите бесни? Зошто никој не и рекол дека пролетта ја отчепува сета радост и сета тага па тешко му на оној кој во лудоста ќе ги срете“. „А јас видов пеперуга како слета на друга пеперуга Мислејќи цвет е!“ Езеро задумано! По твоите одаи прошетаа морници. Или мислата на Венценосецот наврати за да ти ги отвори прозорците. „Знаете ли чиј е огнот на светулкине? Оние што шетаат по мракот и трепкаат, трепкаат? Тоа се душите на мртвите љубовници! Затоа и велат дека љубовта не гасне. Кога не гори тогаш трепети, светка... Со мртов оган. Со огнот на смртта“. „Не виде ли, на челото светулка ти стои?“, рече Црномурнион загледан во Елена. „Од градината на вљубените е, убавци мои“ и Елена погледот тогаш го крена и виде две пепруги, како долетуваа два небески здива како слетуваа… „Погледнете, пепругата на другата што слетува на цвет потсетува!“ ………………………………………………… ……………………………………………….. Високите порти на тврдината ги отвора без да ги поттурне гатачкат а Ѓулифер... Во градината нов снег наврна по февруари тмурен. Пред пролетна икона клекната чунким Ѓупката ги кршеше корупките мразни за да видела како цутат качунките во снежно бели вазни. Прстите на Ѓулифер гребеа по белите огнови на студот (Пролетта во снежен преграб го зачнуваше породилното чудо)! …………………………………………….. А долу градот ги отвораше прозорците. Во водата рибарските чунови првите бразди ги разгрнуваа. А по улиците што внимателно кон Езерото слегнуваат брзаа новите љубовници во мислите со нови телефонски броеви, тајни имиња, скокотливи приказни, роковници. „Навистина, не влегувај во одаите на мојот сон“ и шепнав, или посакав да ја замолам Ѓупката. А кога си помислив дека среќата престорена рунтаво добиче, може да му пријде на моето кревко стебло на радоста да се издрапа од него и да го скрши, се свртив и панично викнав: „Не доаѓај! Да не си влегла некогаш во одаите на мојот сон“. ………………………………………………………………. Тоа утро гората не дотече на улицата за да се измијат во зелен порој од лисја испотените лица. Во кафеаната , зад џамлакот градоносен облак од зборови; и скршени надежи, и дамла од пцости, што горчлив потсмев расонуваат! Но зошто пцости кога тагата е мртва? Чуму тој безвреден арч кога по алеите пупките расцутуваат? Сине на животов, не жали ја насмевката. Ти си £ и господар и слуга. И победник и жртва. И бегалец и прогонувач. Гладта на пронаоѓачот ако ја водиш со себе значи си ја дофатил насмевката на детето во себе. (Дали станува збор за риби во летен азил? Или за далечините? За езерскиот џагор? Расправа за загубениот пат? За рибарот кој згазил на туѓа сенка, а му лежела на прагот? Или станува збор за тропот на опаши. А џамлакот трепери. Џамлакот се плаши дека ќе се растури аквариумот на веселбите и на лутината). Армониката на животот во непостојаниот мев го прибира трпението и го пушта да си оди. Ти ли го водиш животот и неговиот грлен смев? или оставаш тој да те води? По модриот сокак, изведен според упатство на древна маќета, (и со учество на искусна ластовица која не дозволува ни прозорците да ја следат додека над калдрмата лета) по модриот сокак шета паунот на љубовта Со опаш како отворено ветрило шета. Впрочем кој ја смисли улицата со насмевките на прозорците со сенката на ластовицата по калдрмата што лази Зарем не ја смислија на љубовта талазите? Занесените во воздишки талази? „Елено, колку насмевки денес послужи?“ „А ти, колку си спремен да нарачаш?“ „Што им велиш на пеперугите на твоето рамо кога ќе заплачат?“ „Им велам: извинете, солзиве не се за мене, Друг ги нарачал! А што се однесува до насмевката по лицето што ми шета, на неа не треба никој да смета. Насмевката е присутна по задача!“ „Воздишките на Елена уловени самуваат во рибарска мрежа што виси крај Езерото... А и копнежот нејзин го чува тој таинствен незаклучан трезор“. „И не заборавајте: девојките црвени дамки од пастрмки носат под костените на дојките“. „А јас велам сонот е она најпрвото што нè придружува, што ни шепоти, и трае трае уште…“ велел Копаничарот и длабел по месото на дрвото трагал по мечтите, копал по душите. Од жилите на ореовината оживувал Пустиник Во очите на Пустиникот светиот пат и самотата на сите патишта пусти што водат кон ниедно море кон ниеден град. Анѓелите од ластарите на очите не си верувале за умеењето на копаничарот зборувале. Ископана од оревот, од срцевината, нежната Елена; натежнал гроздот сместен во долината помеѓу двата бели брега на нејзините гради. И се чини, дамарите на дрвото галопираат кон местото што го допира месото на боските млади. А Елена се чини тажно растревожена: „Другачките што ли ќе речат непристојниве сечила, наметкава свечена, под боските ако ја свлечат?“ Поднаведнат маж, влече плодови во мрежата По плодовите газат на Елена нозете боси А низ дрвото лозата девојчински нежна го врзува времето со ластарите и кон радоста ползи. А ангелите по ластарите на лозата седат со побожно внимание работата на копаничарот ја следат. „Твоите ангели дали можат да мразат? Дали смеат да сакаат? Или се испратени само да сведочат? Дали умеат да ни го предочат злото и да ни ја навестат неправдата? Кому треба да му ја соопштат? И кој одредува што да премолчат а што да кажат? Ете, тоа сакав да прашам“, рекол Венценосецот А Копаничарот го оставил до себе алатот. „Кој одредува? Еве, ова!“ и покажал на срцето. Којзнае дали вистината застанала на нозе И колку чекори сторила кон него? Дали го допрела барем со својот најмал прст? И дали воопшто вистината се прикрадува? Оти, вистината е заграб. Вистината е скок. Таа удира со својата тешка рака. Таа ти ја расонува насмевката. Те бодри. Ги фрла в преграб на денот сите твои помрачени делови. Или убива! Напати вистината убива! Елена е сепак нешто друго, нешто налик на вечната вистина. Излезена од саќето на муграта, или од пламенот на лозовите прачки: Најпрвин мирисот нејзин ќе осамне како слутење, дури потоа ќе те обвитка во проѕирна коприна облакот, а сетне засекогаш со тебе ќе остане пепелта на нејзиниот отсутен допир. „Се случи еднаш навечер требаше да пристигне Елена вчера или утре - не сум сигурен, (ми пречи поделбата на денови, на години, на минато, на иднина). Тој ден ми се виде грдо-бигорен а ноќта тешка и темна небиднина Јас чекав чекав чекав: слегував во пеколот. Го качував по некое стрмо брдо моето трпение или Сизифовиот камен. Да се обесиш ми се чинеше бесмислено и грдо Бесполезен акт, притоа и срамен. На толчена вода во аван ми заличи оној што чека или на дамнешна шега во запечатено шише фрлено в езеро пред неколку века. А потоа наеднаш сфатив: еден е животот, дури и тогаш кога на минути го дишеме. Го распарчав како згазена стоногалка својот скептицизам. Не дозволувам сомнението да ми стане разонода. Стига и да помислам: зошто животот од вчера да не ни се случи и задутре - па се во мене да пламне од сиво во розово. И тоа само затоа зашто верувам оти и загубеното може да се врати. Знам оти чекањето изморува. Но ако се врати она што го очекувам, со по десет катинари ќе бидат залостени моите врати Заборавете го она проклето трпен - спасен! Спасените најнапред трпението го ништат. (Тоа ти е мевиште исполнето со отпадок гнасен). Затоа, сакани, не газете ми по сништата! Уште кога зафатив од животот со полн грст Знаев дека пристигаат моите Спасовденови ! А сега, оставете ме да си го носам својот крст. Бидете благословени!“ …………………………………………………………… Нели, времето е изарчена мукава? Не ќе ја сместиш во неа книгата на животот. Животот се отима од невидливите раце на мигот, на часот, на деновите. Се измушнува од нивните постојки на патот на освојувањето. Животот го преминува превалецот на времето во невреме, во икиндија време, во снежно време, во време што никој не можел да го одреди …………………………………………………….. Оној кој го избра мракот за да слезе по сокакот (а сокакот потсетуваше на извиткана јагула што ќе ја замати бистрата вода штом ќе го зграби пленот на езерското дно); Оној кој ја избра темнината на мрачниот сокак а не гази по калдрмата додека слегува и потсетува на молитва, на порака, или на нејасен збор од тајна болка; Оној кој го избра мракот и слезе по сокакот на посветеноста гласот ни го подари за да ни биде и поттик, и надеж. Така само школките древниот шепот го носат морето што им го завешта! Оној, неодгатлив а пресретнат од сите, недопирлив за рацете, за очите невидлив поминува низ нас а не знаеме кога и каде за да го видиме утредента на божја служба во света Софија, во малтерот закопан, со ореол на Светец; Оној, кој некогаш во мрачните ноќи на Венценосецот до него стоел, или чекорел пред него како штотуку изречена реч што не се враќа повеќе туку само се јавува и гасне како светулката, како пламенот, што ја знае ноќната патека па оди пред тебе, ти го осветлува патот, те поткрепува, те насрчува, те води кон маѓосното утро. * Дали си поигруваше кога ќе се зафатеше да и ја симне на речта корупката, да ја ослободи од наносите на времето и од бигорот што легнува и на неа; Дали посакуваше првиот сјај да и го врати И првата светлина на новораѓањето Додавајќи £ возбудлива грленост И вечен блескот Бидејќи таа и на Господа му пристапувала за да го измоли хлебот наш насушен; За да ја слави Неговата милозливост! Речта со која Венценосецот го изрече Словото горко словото жалосно. Или и зборот е плод што бара вешта рака за да го избере и да го принесе на свечената трпеза на вознесот! Дали го водеше помислата дека речта е исчезната светлина, престорена звук*, што наеднаш ќе ни ја огрее надежта, бидејќи речта е оган, најдалеку во темнината свети. ………………………………………………………… А утринава, покрај водоскокот, покрај перчето вода бликнато угоре (илјадници водени прсти кренати за молитва! или илуминација на бушавата радост!?) ти, Старче, и беше двојник на осаменоста! А само чекор потаму се сторивте двајца некој ти се придружи; привид или сенка, штотуку излезена од вратата на сонот? Ти пријде и ја оттурна осаменоста од тебе, и стоевте, дали маѓепсани од водоскокот што ви ги качуваше погледите угоре по искрите водени, по кои се качуваше и една бавна гасеница од виножито пред да се престори пеперуга или некој друг украс на денот? А да не спомнувам дека сенката до тебе и не беше само привид туку Елена, Твојата Лена што јаваше на атот по распеаниот макадам на ослободениот град!? (Чудесен дар на сончевата неисцрпност). Можеби стануваше збор за испратен предзнак кој требаше да те потсети дека и горе во испустениот простор (помеѓу небесното море и твојата насмевка) не е се празно. Те зафаќаат далги што ветрот ги откинал од небесното море. Благодарејќи му на привидот напати и бездната се престорува срт за да не возвиши! Кој вели, си рекол: го претпочитам Пеколот!? Ти си само минувач по небесниот друм обожувач и служител на каприцот на правта (Бидејќи и правта некогаш била човек). Ќе речат: си поминал одовде со иста трема пред да зачекориш по тенките скалила кон последниот прозорец (а сакаше само срцата на луѓето да ги ископаш од правта и да ги кажеш нивните тајни)*** * „За да ти ја разгорат болката ќе ти го разорат телото!“, поревајќи се Старчето ја окара угорнината. Но отворен е патот. Клучарот на залезот во мирна прошетка по водите мина. Тој совесен чувар на денот го прибра сјајот на златото, и ја заклуча портата на светлината. "А јас клучот на спокојот го носам за да ја засолнам самотата во ноќта мирна Така од ѕвездената непрегледност ширна далгите езерото кон брегот го носат". Чекорите на водата по песокта- моите чекори низ сонот на животот. Го забележа кременот во калдрмата. „Ако седнеш до него и замавнеш со секалото чија ќе биде искрата? Твоја или на каменот? Или на ноќта? Оти токму ноќта ќе отстапи дел од големата темнина за да си го види искрата лицето. Но тебе? Што ти останува тебе? Зарем огновите повикот ќе ти го слушнат? (Дали е без значење па дури и безболно да носиш секало во скришниот џеб на душата?)“ Го поттурна мракот престорен врата и шарките ја разгрнаа темнината, старицата - ноќ од одајчето штрбаво списка (си го покажа мракот единствениот бел заб печката плинска). А приказната на бавните дотрајани стапала што се влечкаше зад него скрцлива, искината и ги будеше предметите прашливи, стари, се притаи под чергата со нескладни шари штом болсна светлината. И повтор предметите на себеси заличија А синиот пламен од плинот под ѓезвето не личеше веќе на оган од летечка чинија. Уште да стокми одговор на прашањето на кумчето Војдан (што го поставува секогаш кога не е трезвен) Кога ќе порасте лулето дали станува ѓезве?... Чекајќи да загргори водата во садот мислата му избега. Светилките се палеа. Најпрвин крај Езерото, потоа и во градот. „Што ќе сториме утре, утрото за да не ни плаче?“ ќе прашаше Елена , (неговата Лена). И шегата е љубов кога се насмевнува жена низ привидот што ти шета со чекор многузначен. (Шумни приговори на брегот кон талазите: „Бидете помилозливи! Не фрлајте ги во песокта ѕвездите што ги мразите!“) А чекорите на водата по песокта мои чекори низ сонот на животот. Му се насмевна Лена на чуден начин А тој не спомна дека спомените пусти се натрупани како несредени пљачки на нестрпливи туристи во автобуси... (Тоа можеше нејзе многу да и значи?) „Го помниш ли утроно: крај прозорецот... на брегот Беше пролет... а ние од сонот занесени… Изгледа нè разбуди блиставоста на снегот. А ти извика: Свадба! Снегот со Пролетта се жени! Глеј и ја на пролетта радоста! Восхитот вистински! И снежнобелиот фустан невестински!" (Отчепената возбуденост што се ќе ти изнарече за утрото по затечената в снег пролетна вечер!) „И нешто, што никогаш да ти го кажам не втасав а остави длабока во споменот трага Помислував напати: Ти ќе беше прекрасна продавачка на насмевки за болни од тага“... Навраќањето во споменот навејува често чувство на влегување во храм, што си го изградил некогаш скришно и сам во непристапен предел на мислата, на најтајно место! „Сè е во чудесен склад: мракот, светилките што блескаат... Зар да ја ископам од умот фреската пред која заедно сме клечеле од некогашната до последната вечер? Зарем сенките на животот што и денес поминуваа, што ги распарчуваа и составуваа нашите сенки човечки зарем тоа беа сенки ластовечки? И дали мислеле дека за играта нивна служевме како полигони? А и твојата сенка беше со нив. Сенката што никогаш не беше плашлива Секогаш порачуваше: Нурни се до дното! Победникот е секогаш п р в и е д е н! Таму, пред крчмата на платото на девојката приматот и го зеде. О каков раскош! Каков миг! Зарем не ти рекоа? Или не си чула? лулањето на колковите девојката не го изведе како ти: толку природно, а толку шик! Твоите колкови се лулаа, лулаа како позлатено клатно на ѕиден часовник! Еве, веќе не самувам. На платото сенишно Јас и твојата сенка го густираме кафето. Можеби тоа потпирање на ништото е само патот од сонот кон јавето, или отворање на прозорец кон утрото“.